ВЛЕН Е СПРЕМЕН ЗА ИЗБОРИ, НО НЕ ПО СЕКОЈА ЦЕНА Сали вели дека граѓаните очекуваат резултати, не нови избори
Беким Сали вели дека ВЛЕН е подготвена за избори, но смета дека тие не се потребни во овој момент, додека се разговара и за реконструкција на Владата и промени во ресорите.
Партијата ВЛЕН е спремна за избори, особено по позитивниот резултат на локалните избори, вели првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Но, тој смета дека граѓаните очекуваат реализација на ветеното.
Во прилог на тезата дека не се плашат од избори во кој било момент, генералниот секретар на ВЛЕН вели дека раководат со десет општини и дека тоа претставува добра почетна позиција во однос на нивните опоненти кои се во опозиција.
– Овој став е пренесен и во јавноста и до опозицијата и до партнерите – дека сме спремни за избори, меѓутоа дека не се потребни сега, затоа што сè уште имаме што да реализираме и треба да се работи… Доколку има нов политички моментум кој ќе ја смени динамиката на развој во државата и е битен за граѓаните, секако сме спремни. Не би дискутирале во делот што е подобро за граѓаните, но барањето предвремени избори само за да покажеме дека ќе ги добиеме, мислам дека е погубно и за нас како политичари и за граѓаните – изјави Сали.
Во однос на преговорите за реконструкција на Владата, Сали рече дека ВЛЕН ќе има освежувања во своите редови, но и дека освен за нови имиња се разговара и за ротација на ресори.
– Сигурно ќе има освежување од страна на ВЛЕН во екипата, а за другиот дел сè уште останува отворено. Значи, разговараме за можностите, имињата да се менуваат или, пак, позициите како ресори – рече Сали.
Прашан дали би прифатил повторно да биде министер за здравство, Сали рече дека „сè е отворено и не може ниту да се негира, ниту да се потврди, бидејќи тоа е дел од преговорите“.
На прашањето какви информации има за преговорите со коалицискиот партнер ЗНАМ и дали може да се очекува нов кадар во ресорот правда, со оглед дека Министерството за правда е дел од преговорите, Сали рече дека е очекувано таму да има промени.
– Мислам дека е очекувано, меѓутоа не можам да навлезам во детали во кој правец се водат преговорите и како размислува коалицискиот партнер ЗНАМ. Но, очекувано е таму да има промена што ќе рефлектира повеќе ангажман – рече Сали.
Според Сали, со обвинувањата за Законот за правична застапеност, ДУИ го понижува албанскиот фактор во институциите.
– Основата на овој закон е во Охридскиот договор. Тие што со знаме на Охридскиот договор добија неколку изборни циклуси, не успеаја да обезбедат закон за застапеност. Ние во период од година и пол успеавме и закон и консолидација во Владата, и одлука на Владата како предлог да го пуштиме во Собрание. Тоа е во собраниска процедура. Првото читање помина, а утре е второто читање во Комисијата за политички систем. Очекував поконкретна дебата за да имаме подобар закон. Не сметам дека е идеален, но е најдобар досега. И дека е замена на „балансерот“, тоа е несомнено, затоа што „балансерот“ го повлекоа самите тие. Во времето на таа влада имаме потписи од пет министерства, управувани од експоненти на ДУИ, со кои се даде мислење дека „балансерот“ треба да се повлече, согласно реформската агенда 2022–2028 за јавната администрација – појасни Сали.
Во однос на прашањето за полагање на правосудниот испит, Сали вели дека Владата е блиску до комбинирано јазично решение.
– Во делот на работата на експертската комисија, таа фаза е завршена. Има неколку мали измени со кои кандидатот ќе треба да поднесе барање на кој јазик сака да полага и ќе се даде можност да полагаат и тие што студирале на албански, турски или англиски јазик, односно да го полагаат испитот на јазикот на кој студирале – изјави Сали.
Тој појасни дека идејата е дел од предметите од правосудниот испит да се полагаат на избраниот јазик на кандидатот, додека двата предмета со практичен дел да бидат на македонски јазик.