ВИСОК РИЗИК ОД ШИРЕЊЕ НА ПОЖАРИТЕ ИАКО ДЕЛОВИ ОД СТИХИЈАТА СЕ ПОД КОНТРОЛА Уапсени двајца осомничени за подметнување пожар

Според информациите на телевизијата БФМТВ, активни пожари сè уште има во француските департмани Жиронда, Вар и Кот-д’Ор, а во дури 21 департман е активиран портокалов аларм поради високите температури.

0

Пожарникарите во Франција и во Шпанија и денеска продолжуваат со интензивната борба против шумските пожари, при што дел од огнените стихии се ставени под контрола, но властите и понатаму се во состојба на висока подготвеност поради екстремните температури, најавеното засилување на ветерот и ризикот од повторно разгорување на огнот, додека Европа се подготвува за нов топлотен бран.

Според информациите на телевизијата БФМТВ, активни пожари сè уште има во француските департмани Жиронда, Вар и Кот-д’Ор, а во дури 21 департман е активиран портокалов аларм поради високите температури.






Во департманот Вар, четиримина пожарникари беа повредени при гаснењето на пожарот кој во текот на ноќта беше ставен под контрола. Еден од нив се здоби со скршеница, додека останатите тројца претрпеа полесни последици од вдишување чад. Противпожарните екипи и понатаму се соочуваат со отежнати услови за работа поради екстремната жештина и најавите за засилување на југозападниот ветер.

Во Жиронда, по мирната ноќ, пожарникарите изразија умерен оптимизам, оценувајќи дека временските услови им овозможиле подобро справување со ситуацијата. Префектурата на Жиронда исто така соопшти дека во текот на ноќта биле уапсени две лица под сомнение дека предизвикале шумски пожар.

Пожарот во департманот Кот-д’Ор е локализиран, но сè уште не е целосно ставен под контрола. Огнената стихија зафати 141 хектар, од кои 80 хектари се целосно изгорени.

Француските департмани Мозел и Мерт-е-Мозел од денеска се под црвено предупредување поради многу висок ризик од избивање шумски пожари, додека уште 29 департмани, главно во североисточниот дел на земјата, се наоѓаат под портокалово предупредување. Високо ниво на ризик е регистрирано и во департманот Вар.

Во Шпанија, ноќните интервенции врз големиот пожар во северозападната покраина Замора придонесоа за намалување на степенот на опасност, откако беа стабилизирани двата најкритични фронта. Сепак, повеќе жаришта остануваат активни, а огнот досега наложи евакуација на 14 населени места, пренесе весникот „Ел Паис“.

Шпанските противпожарни служби предупредија дека во попладневните часови се очекува засилување на ветерот, што во комбинација со високите температури може дополнително да ја влоши состојбата.

Во меѓувреме, продолжуваат активностите за спречување на повторно разгорување на пожарите во Авила, Мадрид и во Толедо, кои веќе се ставени под контрола, а властите истовремено внимателно ја следат и ситуацијата со активните пожари во Кастељон и во Тарагона.

Поврзани содржини