УВОЗОТ НА КЕРОЗИН ЛАНИ ПОРАСНАЛ ЗА 13,7%, А ПОТРОШУВАЧКАТА СЕ НАМАЛИЛА ЗА 53,3% Главен снабдувач со нафтени деривати ни е Грција
Во земјава, според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика најмногу се троши дизел, односно 74,2% од вкупната потрошувачка.
Речиси 87% од нафтените деривати во земјава лани биле увезени од Грција, повеќе од 9% од Бугарија, 2% од Албанија, и 1,4% од Србија, покажува Годишниот извештај извештај за работа на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2025 година.
Извештајот покажува и дека најмногу се трошат дизел горивата или 74,2% вкупно потрошените горива лани. Следат безоловните бензини со учество од 11,7%, мазутот со 6,6% и течниот нафтен гас со 5,2%. Екстра лесното масло (ЕЛ-1) има учество од 2,1%, биогоривото од 0,14% и млазното гориво учествува со 0,04%.
Но, лани најмногу пораснала потрошувачката на бензините за 8,3% и на дизелот за 5,2% Раст е забележан и кај екстра лесното масло за 2,2% и кај течниот нафтен гас – ТНГ за 3,5%, додека пад во потрошувачката има кај млазното гориво за 53,3%, мазутот за 1,12 % и кај потрошувачката на биодизел за 2,52%.
Податоците на Регулаторната комисија покажуваат дека лани е забележан значаен порастот во увозот на млазното гориво од 13,7%, а пораст има и кај увозот на бензините и мазутот. Намалување има во увозот на дизел горивата, екстра лесното гориво (ЕЛ-1) и кај течниот нафтен гас (ТНГ).
Лани се увезени вкупно 1.311.942 тони нафтени деривати, што е за 0,1% помалку во однос на 2024 година.
Набавката и продажбата на нафтените деривати ја вршеле 21 правен субјект лиценцирани за трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт.
-Во 2025 година го завршивме повторното лиценцирање на големите нафтени компании, што во практика значи дека во следните 10 години се обезбедени предуслови за непречено снабдување со нафтени деривати – изјави Ацо Ристов, претседател на РКЕ.
Лани се извезени 308.456 тони деривати. Најмногу е извезено дизел гориво, односно 37,4% од вкупниот извоз, потоа следуваат млазно гориво со 36,3%, моторните бензини со 22,8% и мазутот со 3,5%.
Потрошувачката на природниот гас, според оценката на првиот регулатор лани била стабилна.
Податоците покажуваат дека ТЕ-ТО и трите топлани се најголеми потрошувачи со 85% од вкупната потрошувачка, втори се индустриските потрошувачи со 13, додека потрошувачките кои се приклучени на системите за дистрибуција на природен гас се со најмал удел од само 2%.
Осум трговци вршеле увоз на природен гас во текот на изминатата година, што претставува зголемување на конкурентноста.
Во 2025 година ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје (поранешна Топлана Скопје Север) се стекна со две лиценци од кои едната е за производство, а втората за снабдување со топлинска енергија.