📽️ УАПСЕНИ ГЛУМИЦИТЕ СУЗАН САРАНДОН И ХАНА АЈНБИНДЕР Добитничката на Оскар приведена за време на протестите против војната во Газа
Актерките се најдоа меѓу повеќе од 100 демонстранти приведени пред седиштето на ОН во Њујорк
Сузан Сарандон и Хана Ајнбиндер се приведени во Њујорк за време на протест пред седиштето на Обединетите нации, каде демонстрантите протестираа по повод посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговото обраќање пред Генералното собрание.
Добитничката на Оскар Сарандон и ѕвездата на серијата „Hacks“ биле меѓу демонстрантите кои не ја напуштиле улицата откако полицијата издала предупредувања дека ја блокираат сообраќајницата. Полицијата во Њујорк соопшти дека повеќе лица биле приведени откако продолжиле да ја попречуваат сообраќајницата.
На снимките од протестот се гледа како полицајци ѝ ставаат на Сарандон лисици и ја одведуваат од местото на демонстрацијата. На социјалните мрежи се појавија и снимки од Ајнбиндер со рацете врзани зад грб додека полицајците ја спроведуваат. Таа во моментот на приведувањето извикува: Нетанјаху надвор од Њујорк.
Од организацијата „Jewish Voice for Peace“ соопштија дека во протестот биле приведени повеќе од 100 лица. Меѓу демонстрантите имало и други познати личности, меѓу кои Синтија Никсон, Елиот Пејџ, Индија Мур, Сара Шерман, Луси Дејкус и Џулиен Бејкер, но не се приведени.
Протестот се одржа во моментот кога Нетанјаху требаше да се обрати пред Генералното собрание на ОН. Демонстрантите носеа транспаренти со пораки за прекин на американското вооружување за Израел и поддршка за Палестинците. Во салата на ОН, пак, повеќе делегации ја напуштиле седницата за време на говорот на израелскиот премиер.
Сарандон со години јавно зборува за војната во Газа и за поддршката за Палестинците. Ајнбиндер, која е Еврејка, исто така повеќепати јавно ја изразувала својата поддршка за Палестинците, а минатата година, при примањето на наградата Еми за серијата „Hacks“, во говорот упати порака за слободна Палестина.