ТРАМП, ПУТИН И СИ ЏИНПИНГ ЌЕ СЕ СРЕТНАТ ВО МАЈАМИ Се подготвува трилатерален самит
Сега можам со сигурност да кажам дека Москва, Пекинг и Вашингтон се подготвени во принцип да го одржат состанокот и дека подготовките веќе се почнати - рече Ушаков од руското МНР.
Подготовките за трилатерален самит меѓу рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг веќе се почнати, а евентуалното присуство на Путин на самитот на Групата 20 во Мајами во декември ќе зависи од исходот од ноемврискиот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен, изјави денеска помошникот на рускиот претседател за надворешна политика Јуриј Ушаков.
Тој рече дека кинеските претставници ги сфатиле подготовките за разговорите многу сериозно.
– Сега можам со сигурност да кажам дека Москва, Пекинг и Вашингтон се подготвени во принцип да го одржат состанокот и дека подготовките веќе се почнати – рече Ушаков.
Зборувајќи за можноста за пристигнување на Путин на самитот на Г20 во Мајами, Ушаков изјави дека Москва веќе добила покана, но дека во моментов се водат дискусии за претстојниот самит на АПЕК, што ќе се одржи на 18 и 19 ноември во Шенжен.
– Засега разговараме за ноемврискиот самит во Шенжен, но добивме покана за самитот на Г20 – рече Ушаков.
Ушаков, исто така, рече дека се уште немало дискусија за можна билатерална средба меѓу Путин и Трамп за време на самитот на АПЕК, каде што се планирани нивните трилатерални разговори со кинескиот претседател Шји Џинпинг, но сепак не ја исклучи можноста за средба.