ТРАМП ОБЈАВИ ИСТОРИСКИ ДОГОВОР ЗА НАФТАТА Венецуелските резерви под контрола на САД

САД ќе има мнозинска контрол врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта во Венецуела, без никакви трошоци за американските даночни обврзници, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

111

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД постигнале договор со Венецуела за мнозинска контрола врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта.

Трамп наведе дека е постигнат „најголем договор за нафта во историјата на светот“.






Тој на сопствената социјална мрежа Трут соушл објави дека преговорите, според негови насоки ги воделе државниот секретар Марко Рубио, министерот за војна Пит Хегсет, привремената претседателка на Венецуела Делси Родригез, како и претставници на приватниот сектор.

„Тие обезбедија мнозинска контрола на САД врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта во Венецуела, без никакви трошоци за американските даночни обврзници“, наведе Трамп.

Не се познати деталите за тоа кои приватни компании ќе учествуваат, како точно ќе изгледа „мнозинската контрола“ на САД и кога дополнителната нафта би можела да се појави на американскиот пазар.

Договорот е постигнат речиси девет месеци откако американските сили го соборија и затворија поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро. Оттогаш САД се обидуваат да ги зголемат испораките на венецуелска нафта до американските рафинерии и да ги привлечат американските компании во запоставениот енергетски сектор на Венецуела.

Венецуела сега произведува околу 1,25 милиони барели сурова нафта дневно, многу помалку отколку пред неколку децении. Години на недоволно инвестирање, санкции и лошо управување сериозно ја оштетија нејзината нафтена инфраструктура.

Родригез го поздрави договорот, истакнувајќи оти тој ќе има значително влијание врз економското закрепнување на земјата.

„Венецуела објавува историски договор со американската влада што ќе има значително влијание врз преродбата на нашата нација“, истакна Родригез.

Таа додаде дека договорот предвидува „развој на 17 стратешки полиња со докажан потенцијал од 65 милијарди барели нафта, инвестиции од над 100 милијарди долари и повеќе од 209 милијарди долари даночни приходи за државата“.

Поврзани содржини