ТАЈНИТЕ НА МВР ЗАВРШУВАЛЕ ВО КАЗИНО Полицаец од Тетово пријавен за шпионирање
Внатрешна контрола при МВР откри полициски службеник што оддавал тајни за полициски акции.
Полициски службеник од Тетово се сомничи дека оддавал доверливи податоци од внатрешното работење на Министерството за внатрешни работи, објави денеска Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.
Против лицето З.С., вработен во Полициската станица ОН Тетово, е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализираното одделение за полициски криминал, поради основано сомнение за кривично дело „оддавање на службена тајна“, казниво по член 360 став 1 од Кривичниот законик.
Од Внатрешна контрола појаснуваат дека осомничениот во текот на 2023 и 2024 година, користејќи ја својата службена положба, пристапувал до билтени за дневни настани и анекс планови за акциски контроли по казина и угостителски објекти, кои биле планирани од полициски службеници од СВР Тетово, заедно со УЈП, ДПИ и ДИТ.
– Прибавените информации кои се водат како службена тајна, осомничениот ги сторил достапни на физичко лице вработено во казино – велат од МВР.
Случајот се процесуира во координација со надлежното обвинителство, кое ќе ја води понатамошната постапка.
– Министерството за внатрешни работи нема да толерира какво било прекршување на законите и е решено до крај да расчистува случаи на злоупотреба и оддавање доверливи информации – изјавија од полицијата.