СВЕТЛИНАТА НА ВОСКРЕСЕНИЕТО НЕКА НИ БИДЕ ВОДИЛКА Заедно да изградиме праведно и хумано општество

Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста, против ударите кои треба да нè поколебаат, и да застанеме позади вредностите во кои веруваме. На тој пат вербата во Бог и грижата за ближниот не се само лична определба, туку темел на едно силно и одговорно општество, порача премиерот Христијан Мицкоски во велигденската честитка.

63

Во овие свети денови на Христовото Воскресение, дозволете ми да Ви упатам искрени честитки во мое лично име и во името на Владата. Воскресението на нашиот Спасител е вечен симбол на победата на животот над смртта, на светлината над темнината. Нека оваа Пасха донесе духовна радост, мир и благослов во секое македонско семејство, порача премиерот Христијан Мицкоски во велигденската честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, свештенството, монаштвото и сите православни верници.

„Македонската православна црква – Охридска архиепископија е столб на нашата духовност и национален идентитет. Вашата улога во зачувување на верата, традицијата и моралните вредности е од непроценливо значење за нашето општество. Во време на брзи општествени промени, технолошки напредок и глобален притисок врз традиционалните вредности, Владата останува посветена на заштитата на корените на нашето општество и на создавање услови во кои семејството, моралот, воспитувањето и духовноста ќе бидат зајакнати“, порачува премиерот.






Живееме во тешки времиња на предизвици и искушенија, и сум целосно свесен дека многу наши граѓани ги мачат истите проблеми и грижи, додава Мицкоски.

„Сакам да биде подвлечено дека ние, сите заедно, мора да работиме за напредокот и благосостојбата на секој еден човек, и тој пат да обезбедиме иднина не е воопшто лесен, но јас сум цврсто и непоколебливо решен заедно да го изодиме до целта. Заедно да ги менуваме работите, да се бориме против несигурноста, против ударите кои треба да нè поколебаат, и да застанеме позади вредностите во кои веруваме. На тој пат вербата во Бог и грижата за ближниот не се само лична определба, туку темел на едно силно и одговорно општество. Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество. Бог да ја чува Македонија. Христос Воскресе“, вели премиерот Мицкоски во честитката за Велигден.

Поврзани содржини