ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА ДАВКОВА СО 3 ЧЕСТИТКИ ЗА ВЕЛИГДЕН Денеска слават сите христијани во светот

За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани, напиша претседателката Гордана Сиљановска давкова во честитката до афхиепископот г. г. Стефан.

165

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава: Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква.

Од Кабинетот на претседателката ги доставија упатените честитки.






„Почитуван г. г. Стефан,Имам особено задоволство и голема чест Вам, лично и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на православните верници, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да Ви посакам да го поминете во добро здравје, во љубов, радост и среќа. Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовноста и да даруваме љубов секому и секаде. За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка. Христос воскресна!

Почитуван д-р Стојанов, Ми претставува особено задоволство, Вам и на верниците на Католичката црква во Македонија, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да Ви посакам мир, хармонија, среќа и бериќет. Најискрено се надевам дека велигденските празници ќе им донесат радост во душата и љубов во срцето на сите верници, исполнувајќи ги со ведрина и оптимизам. Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет. Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани. Христос воскресна!

Почитуван г. Емил Заев, Дозволете ми Вам, лично, како и на припадниците на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден, од срце посакувајќи Ви празничните денови да ги поминете во радост, среќа, љубов и хармонија. Велигден е извонредна можност да им се посветиме на нашите најмили и најблиски со љубов, ведрина и оптимизам. Да чиниме добрини и да бидеме хумани и благородни. Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво. Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции. Нека ни е честит Велигден!

Поврзани содржини