СУШАТА И ПОЖАРИТЕ ЌЕ ЈА ЧИНАТ ЕВРОПА СТОТИЦИ МИЛИЈАРДИ ЕВРА Но ова е само почеток, економистите очекуваат уште полоши години

Климатските катастрофи создаваат двоен удар врз јавните финансии. Во исто време, државите губат даночни приходи поради послаба економска активност и мора да трошат повеќе за гаснење пожари, санирање на штети и прилагодување на инфраструктурата.

1

Рекордните горештини, суши и пожари силно ја погодија европската економија ова лето, од енергетиката и земјоделството до речниот транспорт и туризмот. Економистите проценуваат дека вкупната штета веќе е измерена во стотици милијарди евра и предупредуваат дека ова е само почеток.

Посебен проблем е фактот што неколку екстремни феномени се случуваат истовремено.






-Имаме топлотни бранови, суши, шумски пожари… Овие настани се случуваат во исто време и претежно во истите региони, поради што нивните последици се меѓусебно зајакнуваат – предупреди Шехриш Усман, економист на Универзитетот во Манхајм.

Ниското ниво на водата на Рајна и Дунав сериозно го ограничи товарниот сообраќај на тие клучни европски водни патишта. Повеќе од шест нуклеарни реактори мораа да го запрат или намалат производството поради проблеми со ладењето, додека проценките за земјоделските приноси беа исто така намалени.

Културите што се берат подоцна во годината, како што се пченката и сончогледот, веќе забележаа проценети загуби од 6до 7% во текот на јули.

Холандската мултинационална банкарска и финансиска групација (ING) проценува дека само прекинот на сообраќајот по Рајна ќе го намали германскиот БДП за 0,3 процентни поени оваа година. Унгарската MBH Bank проценува дека секоја недела што најголемата нуклеарна централа во земјата е неактивна го намалува БДП на Унгарија за околу 0,1 процентен поен.

Германската осигурителна компанија Алијанц (Allianz) проценува дека само двонеделен топлотен бран во јуни ќе го намали европскиот БДП за приближно 0,3 процентни поени.

-Вкупните трошоци оваа година ќе бидат многу повисоки. Оваа проценка не ги вклучува пожарите, сушите, поплавите или очекуваниот Ел Нињо – вели економистот на Allianz, Хазем Кричене.

Проблемот е уште поизразен ако земеме предвид дека за Еврозоната оваа година се очекува економски раст од само околу еден процент.

Алијанц исто така проценува дека климатските промени би можеле да го намалат растот на најизложените економии, како што се Шпанија, Франција и Италија, за 5 до 7 % до 2030 година.

Големи промени се очекуваат и во туризмот, особено во традиционално популарните медитерански земји.

Јужна Европа би можела да прими повеќе туристи во текот на пролетта, есента и зимата, но во исто време да изгуби дел од традиционалната летна сезона бидејќи туристите сè повеќе ќе се свртуваат кон постудениот север од континентот. Ова би можело сериозно да влијае на економиите кои се во голема мера зависни од летниот туризам.

Екстремните температури и сушите, исто така, влијаат на цените на храната, што создава нов проблем за Европската централна банка во борбата против инфлацијата.

Проблемите со речниот сообраќај дополнително го комплицираат доставувањето гориво до одредени делови од континентот, што ги зголемува разликите во цените меѓу земјите и регионите.

Климатските катастрофи создаваат двоен удар врз јавните финансии. Во исто време, државите губат даночни приходи поради послаба економска активност и мора да трошат повеќе за гаснење пожари, санирање на штети и прилагодување на инфраструктурата.

„Алијанц“ проценува дека изгубениот економски раст би можел да ги намали годишните даночни приходи за дури 1,8% во Франција и околу 1,3% во Италија и Шпанија.

Проблемот е дополнително отежнат од високата задолженост на одредени европски земји, кои во исто време мора да ги зголемат средствата за одбрана, енергетска транзиција и прилагодување кон климатските промени.

Затоа економистите предупредуваат дека растот на државните долгови во иднина би можел да создаде нов притисок врз Европската централна банка.

Сепак, најголемата сметка можеби нема да дојде веднаш. Истражувањата покажуваат дека последиците од екстремните временски настани можат да ја оптоваруваат економијата со години преку послаби инвестиции, пониска продуктивност и зголемени јавни трошоци.

Поврзани содржини