🎥 НЕ КРЕВАЈТЕ ПРАШИНА АКО СЕ ДВИЖИТЕ СО ВОЗИЛА НИЗ ШАР ПЛАНИНА! Прашината им штети на планинарите, а брзината ги вознемирува животните

Намалете ја брзината кога поминувате покрај пешаци и велосипедисти, не турирајте и не забрзувајте непотребно – со тоа дополнително се крева прашина, се создава бучава и се вознемирува дивиот свет, движете се исклучиво по дозволените патишта и не излегувајте со возила надвор од нив.

0

Националниот парк Шар Планина апелира до сите кои со возила поминуваат низ планината да внимаваат при возењето да не креваат прашина.

„Во овие летни денови земјаните патишта се исклучително суви, а движењето со поголема брзина создава големи облаци прашина. Прашината не е само непријатност – ситните честички што се креваат од сувите патишта се вдишуваат и можат да предизвикаат иритација на дишните патишта, кашлица и отежнато дишење. При пешачење и друга физичка активност дишеме подлабоко и почесто, поради што изложеноста на прашина е уште поголема“, објаснуваат од НП Шар Планина.






Затоа апелираат до сите возачи: Намалете ја брзината кога поминувате покрај пешаци и велосипедисти, не турирајте и не забрзувајте непотребно – со тоа дополнително се крева прашина, се создава бучава и се вознемирува дивиот свет, движете се исклучиво по дозволените патишта и не излегувајте со возила надвор од нив.

„Кога ќе сретнете планинари, велосипедисти или други посетители, забавете и поминете внимателно и со почит. Едно мало намалување на брзината значи многу за човекот кој пешачи зад вас. Да покажеме почит едни кон други и кон природата. Планината е за сите – да ја чуваме и да уживаме во неа одговорно“, порачуваат од НП Шар Планина.

Поврзани содржини