СО ГЛАС ОД АИ И ПОРАКА НА ВАТСАП ИЗВЛЕКЛЕ МИЛИОНИ Директорот на италијанска банка мислел дека извршува операција за шефот

Измамниците се претставиле како највисоки раководители и со вештачка интелигенција го имитирале гласот на угледен адвокат, по што биле префрлени 95 милиони евра. Повеќе од половината пари се вратени, но трагата на околу 36 милиони евра се губи низ офшор сметки и криптовалути.

0

Една порака на социјалната мрежа Ватсап, еден убедлив телефонски повик и 95 милиони евра тргнале од „Фидеурам“, подружница на најголемата италијанска банка „Интеза Санпаоло“, кон сметки во Кина и Хонг Конг.

Измамниците со помош на вештачка интелигенција успеале да го убедат тогашниот извршен директор Паоло Молесини дека учествува во доверлива трансакција по налог на својот шеф.






Напаѓачите, всушност, не морале да ја пробијат банката – ја пробиле довербата меѓу луѓето што управуваат со неа. Прво пристигнала порака што изгледала како да ја испратил Карло Месина, извршниот директор на „Интеза Санпаоло“, а потоа следувал повик во кој со АИ наводно бил имитиран гласот на висок партнер во угледна адвокатска канцеларија.

Измамата почнала во февруари. Во пораката до Молесини се барала итна помош за доверлива трансакција во странство, а телефонскиот повик што следувал требало дополнително да ја потврди веродостојноста на инструкциите.

Убеден дека барањето е вистинско, Молесини му наложил на финансискиот оддел да изврши серија трансфери. Парите завршиле на сметки во Кина и Хонг Конг.

Неправилностите биле откриени релативно брзо, по што „Фидеурам“ ги известил банките и надлежните органи во повеќе држави. Со соработка меѓу властите во Кина, Португалија и Италија биле повратени околу 53 милиони евра.

Трагата на дел од остатокот, сепак, се изгубила. Според изворите запознаени со случајот, средствата биле префрлани преку мрежа од офшор сметки, а потоа претворани во криптовалути. Околу 36 милиони евра сè уште недостасуваат.

Ниту Молесини ниту други раководители на „Фидеурам“ не се под истрага. Обвинителството во Милано отворило постапка против странски државјанин што живее надвор од Европа, осомничен за компјутерска измама.

Молесини во март поднел оставка од функцијата извршен директор, наведувајќи лични причини. „Интеза Санпаоло“ и „Фидеурам“ не го коментирале случајот.

Италија веќе имала слична AI-измама. Минатата година напаѓачи го имитирале гласот на италијански министер и го убедиле претприемачот Масимо Морати да префрли речиси еден милион евра на офшор сметка. Тие пари подоцна биле вратени.

Поврзани содржини