НЕМА ЧИСТЕЊЕ СТАНОВИ „НА ЦРНО“ ВО ХРВАТСКА Жена заработила 50 евра, ја чека солена казна
Триесет и едногодишната жена неколку недели чистела куќи и станови без регистрирана дејност, а вкупно заработила само 50 евра. Судот ѝ ја изрече најниската законска казна од 1.327,23 евра и нареди да ѝ биде одземена и заработката.
Жена од областа Вараждин заработила само 50 евра чистејќи станови и куќи без регистрирана дејност, но работата „на црно“ на крајот ќе ја чини многукратно повеќе. Општинскиот суд во Вараждин ја казнил со 1.327,23 евра, а ќе мора да ги врати и заработените пари, пишуваат хрватските медиуми.
Триесет и едногодишната жена давала услуги за чистење на различни лица во Вараждин од средината на мај до 8 јули годинава. Дејноста не ја регистрирала ниту ја пријавила кај даночните власти.
За целиот период наплатила вкупно 50 евра. Малата заработка, сепак, не ја ослободила од одговорност.
Во пресудата се наведува дека работата се смета за нерегистрирана дејност без оглед на малиот обем и ниската заработка. Прекршокот бил утврден врз основа на документација од Државниот инспекторат.
Судот при одредувањето на казната зел предвид дека жената претходно не била казнувана за ваков прекршок. Законот предвидува казна од 1.327,23 до 2.654,46 евра, па таа го добила најнискиот можен износ.
Покрај казната, ќе ѝ бидат одземени и 50-те евра што ги заработила со чистењето, а треба да плати и 20 евра трошоци за постапката.
Рокот за плаќање е 60 дена. Доколку во тој период плати две третини од казната, односно 884,82 евра, таа ќе се смета за целосно платена.