СЛУЖБЕНИК ДРОГИРАЛ ПОВЕЌЕ ОД 200 ЖЕНИ НА ИНТЕРВЈУА ЗА РАБОТА Им ставал диуретик во кафето и ги терал да уринираат пред него

Речиси 250 жени се јавиле во истрагата против поранешен висок француски државен службеник, кој е осомничен дека со диуретици ги доведувал кандидатките за работа во состојба на принуда и потоа ги изложувал на понижувачки ситуации.

153

Високиот француски државен службеник, Кристијан Негр, е под истрага под сомнение дека на повеќе од 200 жени им ставал опијати во кафето за време на интервјуа за работа, по што ги водел на прошетки и ги принудувал на понижувачки постапки.

– Бев целосно без сила. Воопшто не ги чувствував нозете. Бев исплашена и не знаев што се случува – раскажува Анаис де Вос.






Во јули 2011 година, Анаис, која тогаш имала 27 години, отишла на интервју за работа во француското Министерство за култура во Париз.

Иако вообичаено не пие кафе, таа прифатила шолја што ѝ ја понудил испитувачот, високиот државен службеник Кристијан Негр. Според нејзиното сведоштво, тој сам го подготвил кафето, но тоа имало необичен вкус, па испила само половина.

Денес Анаис е една од речиси 250 жени кои веруваат дека Негр им давал диуретици во периодот од 2009 до 2018 година, со цел да ги натера да уринираат пред него, објавува Би-Би-Си.

Сè започнало со интервју за работа

Средбата започнала во канцеларијата, но по неколку минути Негр предложил да излезат на прошетка.

Додека се движеле низ улиците на Париз, Анаис почувствувала необјаснива и неконтролирана потреба за мокрење. Му кажала дека итно мора да пронајде тоалет.

– Ме погледна право во очи и рече: „О, мораш ли да одиш?“ Се чувствував како дете. Ми беше многу чудно начинот на кој ме гледаше, речиси како да уживаше во ситуацијата – се присетува таа.

Според нејзиното сведоштво, Негр ја упатил кон влезот на простор под мостот на Сена и ѝ рекол: „Можете да го направите тоа тука“.

Анаис почувствувала дека ситуацијата станува опасна и инсистирала да продолжат.

Отишле до Лувр, но за користење на тоалетот се плаќало едно евро, а таа паричникот го оставила во Министерството. Негр рекол дека и тој нема готовина.

Очајна и во болки, Анаис пронашла кафуле каде што ѝ дозволиле да го користи тоалетот. Додека се приближувала до него, изгубила контрола и се измокрила во облеката.

Подоцна рекла дека единствена утеха ѝ било тоа што инцидентот се случил надвор од видикот на Негр.

По трите часа поминати со него, таа се чувствувала омалаксано и исцрпено.

Не ја добила работата, а настанот сериозно ѝ ја нарушил самодовербата. Во следните години, поради тоа, избирала помалку амбициозни работни позиции.

Полицијата открила табела со податоци за жените

Во 2019 година Анаис добила писмо од полицијата. На средбата дознала дека се смета за една од речиси 200 жени кои Негр наводно ги дрогирал за време на интервјуа за работа.

– Бев шокирана, но ми беше мило што знаев дека не сум луда. Навистина нешто се случило тој ден – раскажала таа.

Во меѓувреме, се јавиле десетици други наводни жртви.

Полицијата се сомнева дека Негр користел диуретици – лекови кои го стимулираат мокрењето.

Истражителите наводно дошле до ова откритие благодарение на табела на неговиот компјутер со наслов „Експерименти П“.

Во документот биле наведени времето кога жените доаѓале на интервјуата, кога им биле давани диуретиците, колку време им било потребно за да побараат да одат во тоалет и каков тип долна облека носеле.

Сличен образец кај повеќе жени

Истрагата против Негр започнала во јуни 2018 година, кога колега го фатил како фотографира жена под маса.

Прво бил суспендиран, а во 2019 година добил отказ.

Обвинителите соопштиле дека тој пред истражителите признал дека „им наметнувал понижувачки ситуации на жените“.

Меѓу жртвите наведени во неговите белешки била и Мари-Елен Брис, која тој ја интервјуирал во Стразбур во 2016 година.

И на неа ѝ предложил прошетка покрај канал. Набрзо почувствувала силна и неодолива потреба за мокрење.

Негр ѝ кажал дека знае за јавен тоалет во близина, но тоалетот не бил таму.

– Почнав навистина да страдам. Болката беше толку силна што пребледев, а солзите ми течеа по лицето – раскажува таа.

Немала друг избор освен да изврши нужда на јавно место, а Негр понудил да ја покрие со својата јакна.

– Ми беше ужасно непријатно. Не го тргаше погледот од мене. Со години се срамев, сè додека полицијата нѐ ме контактираше – вели Мари-Елен.

Таа вели дека, покрај психолошката траума, и денес има проблеми со уринарниот тракт.

– Бев нападната и отруена. За мене, тоа очигледно е сексуален напад – додава таа.

„Хемиското потчинување“ повторно во центарот на вниманието

Прашањето за таканареченото хемиско потчинување, односно употребата на дрога за воспоставување контрола врз друга личност, повторно стана актуелно во Франција.

Пратеничката Сандрин Жосо стана активистка откако сенатор бил прогласен за виновен дека ѝ ставил опијати во пијалакот.

Жосо тврди дека државата не направила доволно за да ги заштити жените.

Годинава започнал и пилот-програмa која им овозможува на жените да тестираат примероци од крв, урина или коса без претходно да поднесат официјално барање.

Професорот Жан-Клод Алварез, кој раководи со програмата, вели дека употребата на диуретици на ваков начин е „многу невообичаена“ и дека никогаш не видел нешто слично во својата 26-годишна кариера како токсиколог.

Постапката трае со години

Поминаа 15 години од инцидентот со Анаис и седум години откако таа разговарала со полицијата. Таа е фрустрирана од бавниот тек на постапката.

Негр, кој има повеќе од 60 години, е под официјална истрага за поседување дрога, нарушување на приватноста и сексуален напад и го очекува судењето.

Неговиот адвокат одбил да коментира за Би-Би-Си.

– Сето ова е вознемирувачко и лута сум поради начинот на кој се однесуваат кон нас – вели Анаис, која денес има 42 години.

Мари-Елен чекањето го опишува како „секундарна виктимизација“.

Од „UN Women“ порачаа дека властите мора да направат повеќе, бидејќи одолговлекувањето на ваквите случаи може да им ги уништи животите на жените.

Француската полиција и владата не одговориле на критиките.

Мари-Елен долго време молчела, но денес вели дека повеќе не се срами.

– Не морам да се кријам – јас сум жртва. Важно е да се зборува, бидејќи тоа им помогна и на други жртви да се препознаат и да пријават. Во светот во кој живееме, неопходно е да се зборува за сексуалното насилство – заклучила таа.

Поврзани содржини