СИЛАТА НА МАКЕДОНСКАТА ДИЈАСПОРА Е ГОЛЕМА Време е потенцијалот на Македонија да се претвори во резултати

Да создадеме држава што ќе биде доволно силна младите да сакаат да останат, доволно модерна за талентите да се враќаат и доволно самоуверена да се натпреварува и со најдобрите, порача министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски на Самитот на Македонија 2025.

1

Македонското општество има знаење, има талент, има луѓе кои успеваат и дома, но и во целиот свет, сега е време тој потенцијал да го претвориме во резултати, порача попладнево министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на Самитот на Македонија 2025.

Да создадеме држава што ќе биде доволно силна младите да сакаат да останат, доволно модерна за талентите да се враќаат и доволно самоуверена да се натпреварува и со најдобрите, додаде тој.

Во обраќањето Муцунски рече дека во денешниот свет што брзо се менува, малите држави не можат да победат со големина, но можат со знаење, агилност, доверливи институции и со способност да се адаптираат побрзо од другите.

– Постојат настани како овој, каде што луѓето доаѓаат затоа што веруваат дека можеме повеќе. Во текот на овие два дена се разговараше за економски раст, инвестиции, лидерство, иновации, дигитализација и за конкурентност. Се отворија сериозни прашања за тоа како да изградиме поефикасни институции, како да создадеме подобра бизнис клима и како да обезбедиме услови младите да ја гледаат својата иднина тука, дома. Посебен акцент беше ставен на вештачката интелигенција и на дигиталната трансформација, не како далечни концепти, туку како реалност што веќе го менува начинот на кој работиме, учиме и се натпреваруваме во светот. Во време кога технологијата се развива побрзо од било кога, нашата задача е да создадеме општество што нема само да ги следи промените, туку ќе знае и да ги искористи – истакна Муцунски.

Според него, предолго како општество сме чекале некој друг да ни каже и да ни потврди дека можеме.

– Јас верувам дека сами можеме да го докажеме тоа. Особено сум горд што овој самит уште еднаш ја покажа силата на македонската дијаспора. Нашите луѓе ширум светот не се само емотивно поврзани со татковината, тие се важен дел од нашата иднина. Преку нивното знаење, искуство, глобални мрежи и инвестиции, се отвораат нови можности за развој, иновации и за меѓународна афирмација на државата. И кога македонски претприемач во Торонто, инженер во Берлин или професор во Њујорк ќе успее, тоа не е само личен успех. Тоа е доказ за капацитетот што го носиме како народ. Затоа и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува силно посветено на градење на уште посилни врски со дијаспората, но и на модерна економска дипломатија што отвора нови пазари, нови партнерства и повисок стандард за живот – рече министерот.

Оцени дека Самитот на Македонија 2025 уште еднаш потврди дека е една од најрелевантните регионални платформи за идеи, партнерства и за иницијативи насочени кон развој, лидерство и глобално поврзување како што ѝ треба на земјава.

– Европската иднина исто така останува наш избор. Не затоа што некој ни ја должи, туку затоа што тоа е патот на реформите, владеење на правото, силни институции и повисоки стандарди за живот. Никој нема да ја изгради нашата иднина наместо нас. Тоа е наша задача, тоа е наша одговорност и наша генерациска шанса – рече Муцунски.

На Самитот, кој завршува денеска во фуукусот беа прашањата како дијаспората може да ѝ помогне на Македонија и кои предизвици се појавуваат во обидите да се направи тоа.

– На дијаспората не ѝ треба мотивација, љубовта е присутна. Она што недостасува е структура, основа, платформи, долготрајни заложби, не еднократни донации… Второ, придонесот не се само пари, туку тоа може да бидат стандарди, управување, експертизи, менторирање, подучување, обука… Овие работи ги градат државите исто како што го прави тоа капиталот. Третото е за сите оние кои сè уште „седат на оградата“,  доаѓањето е опција – рече Вал Јусуфи, косопственик и основач на Леорон институтот, која беше модераторка на панелот  „Дијаспората како стратешки капитал: Враќање дома“

Митре Кутановски, коосновач на Македонија2025 и претставник на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ рече дека помошта не треба секогаш да е во пари, туку во насоки и за тоа колку се грижите да помогнете на некој начин на земјата. Посочи пример од пред неколку години кога нашинци од Кичево го побарале да им помогне во Македонија да бидат пренесени болнички кревети, а тој успеал да помогне тие да бидат донесени како хуманитарна помош, без да се плати за превоз од САД.

Кутановски укажа и на бариерите со кои се соочуваат нашинците кои сакаат да помогнат, посочувајќи на недостаток на комуникација и доверба во Македонија. Тој апелираше до властите да ги олеснат процедурите.

За да запре „одливот на мозоци“ тој ги повика нашинците да отворат свои бизниси во Македонија и да вработат луѓе од овде.

Тања Михајловска Димитриевска, аудит директор во Barclays UK рече дека постојат и други начини да се помогне како воведување стандарди, обуки, тренинзи, особено од професионалци кои работат во странски компании кои можат да пренесат знаење и искуства. Смета дека во Македонија е потребно да има предвидливост и одлуките да не се остават да ги носат индивидуалци, како и да се прифаќаат предизвици.

Емил Христов, американски претприемач, сопственик на Домасело и дел од Бордот на директори на Македонија2025 посочи дека откако тој отворил свој бизнис во Македонија, повлекол и други негови пријатели да го направат тоа, а сега веќе во земјата има повеќе американски компании. За тоа дали во Македонија има лоши работници, вели дека сè е до умешноста на менаџирањето и до однесот со вработените.

На панелот зборуваше и Џери Наумоф, директор во Рамбл, кој се врати во Македонија од САД и сега живее тука. Според него, една од бариерите овде е бирократијата. Во Македонија се вратил на покана на поранешен премиер да работи во Владата, а потоа останал и основал аутсорсинг команија која има 1.000 вработени.

Претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски, порача дека лидерството не може да се гради врз страв, туку врз доверба и заедничка визија. Посочи дека во најтешките моменти за компанијата, на почетоците кога го презел управувањето со „Тиквеш“, одбил масовни отпуштања бидејќи, како што рече, „кога луѓето се плашат, тоа не е добро за компанијата“.

– Не треба да бидеме просечни, треба да бидеме најдобри или ќе пропаднеме – порача Јаневски, осврнувајќи се на трансформацијата на „Тиквеш“ од локална компанија во регионален и престижен интернационален бренд.

Генералниот директор на „ЕВН Македонија“, Волфганг Маер, потенцира дека успешните организации не се градат само врз стратегии и документи, туку врз луѓе што веруваат во заедничката визија. Повикувајќи се на мислата на францускиот писател автор на „Малиот принц“, Маер рече: „Ако сакате да изградите брод, не давајте им задачи на луѓето, туку научете ги да сонуваат за морето“.

Според него, најважно е луѓето да си ја сакаат работата што ја работат и да чувствуваат дека придонесуваат кон нешто вредно и корисно.

– Лидерите мора да носат одлуки. Некогаш и погрешна одлука е подобра од никаква. Ако луѓето немаат доверба во вас, никој нема да ве следи – истакна Маер, посочувајќи дека младите генерации денес бараат компании кои се чесни, транспарентни и имаат јасна цел.

Свое обраќање имаше и глобалниот стратег за лидерство, Рон Томас, кој говореше за драматичните промени што вештачката интелигенција ги носи во образованието, работните места и во начинот на функционирањето на компаниите. Томас истакна дека светот влегува во период во кој традиционалните модели на образование и кариера повеќе нема да бидат доволни и дека сите, без разлика на образованието и професионалното искуство, ќе мора континуирано да учат и да се адаптираат.

– Не е важно какво образование имате. Во иднина сите ќе мора секој ден да учиме по нешто ново – порача Томас.

Тој предупреди дека вештачката интелигенција веќе суштински го менува пазарот на труд посочувајќи ги примерите со големи глобални компании, кои најавуваат масовни кратења на работни места, но и позитивни примери на преквалификација на вработените.

– Вештачката интелигенција не може да се игнорира. Стариот начин на работа повеќе нема да функционира – истакна Томас.

Во текот на вториот ден од самитот се одржаа и панели и дискусии посветени на иднината на работата, вештачката интелигенција, улогата на дијаспората како стратешки капитал, лидерството, иновациите и развојот на младите таленти.

Со дискусии фокусирани на лидерството, иновациите, дигиталната трансформација и потребата од поголема соработка меѓу институциите, бизнисот и дијаспората, самитот на „Македонија 2025“ и годинава ја потврдува својата улога како една од најзначајните регионални платформи за идеи, партнерства и за иницијативи насочени кон економски раст, модернизација и глобално поврзување на Македонија.

Поврзани содржини