„Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска номиниран за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал

527

Краткиот игран филм „Северен пол” на Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино око“ е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата Златна палма за најдобар краток филм.

– Ова е историски успех за македонската кинематографија и за Кино око бидејќи првпат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови. Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска – изјави продуцентот Роберт Насков.






– Премногу сум среќна за успехот на нашиот филм и бескрајно благодарна на сите кои ме поддржува во секој чекор – изјава од режисерката Марија Апчевска-Петровска.

Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Роберт Насков и сценарист и режисер Марија Апчевска-Петровска.

„Северен пол” е копродукција помеѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот се Милош Љубомировиќ од Сервиа филм, Миодраг Поповиќ од форГрејд и Петер Шекереш од Тиволи филм. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Филмскиот центар на Србија.

По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.

Поврзани содржини