СЕ СМИРУВА СОСТОЈБАТА ВО ГОСТИВАР Клековски најави резултати од анализите до 20 август
Епидемиолошката состојба се стабилизира, бројот на нови пациенти се намалува, но официјален крај на епидемијата ќе има дури откако ќе се исклучи поврзаноста со водата за пиење.
Епидемиолошката состојба во Гостивар постепено се стабилизира, а анализата на водата за пиење се очекува да биде објавена до 20 август, најави министерот за здравство Сашо Клековски.
Клековски во гостување во емисијата „Вести плус“ на телевизија „Канал 5“ изјави дека земјата излегува од акутната фаза и дека бројот на новопријавени пациенти со стомачни проблеми е намален.
– Во основа, сега излегуваме од акутната фаза. Веќе можам да кажам дека сме влезени во нормален период. Бројот на новопријавени пациенти се движеше од 40 до 80 овие неколку дена. Нормалната предепидемиска појава на стомачни проблеми со дијареа и повраќање се движи меѓу 25 и 100 случаи – изјави Клековски.
Министерот нагласи дека епидемијата официјално нема да биде прогласена за завршена сè додека не се отстрани сомнежот дека новите случаи се поврзани со користењето на водата за пиење.
Тој посочи дека институциите продолжуваат со следење на состојбата, пријавување на заразните заболувања и спроведување епидемиолошки анкети.
– И најдобрите епидемиолози од Центарот за јавно здравје и од Институтот за јавно здравје ги анализираат тие податоци. Ние влегуваме во една нормалност бидејќи бројот на заболени е како во август минатата година, условно кажано – додаде Клековски.
Осврнувајќи се на обвинувањата од опозицијата, министерот ги повика да поднесат конкретна кривична пријава доколку сметаат дека е сторено кривично дело.
– Јас ќе се јавам да дадам изјава во Јавното обвинителство веднаш штом опозицијата, односно конкретно СДСМ, ќе дефинира кое кривично дело сум го сторил. Вака, изјави на прес-конференции без дефинирање кој закон, која регулатива е повредена и со што сум го сторил кривичното дело, е само лош политички маркетинг. Јас одговорно тврдам дека и како министер и Министерството соодветно реагираме – рече Клековски.
Тој додаде дека по смирувањето на акутната фаза има простор за детална анализа на целиот случај.
Според него, експертски тим од Министерството за здравство веќе работи на анализата, а сите вклучени јавни установи веќе ги доставиле своите мислења.
– Сакаме хронологијата да ја споделиме со другите надлежни институции, во овој случај Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи, за тие да ја надополнат хронологијата и тоа ќе го објавиме – посочи министерот.