РЕПРЕЗЕТАЦИЈАТА СЕ ЗАСИЛУВА СО НЕЈТ СИСТИНА Македонија влегува во решавачкиот дел од циклусот
Македонската кошаркарска репрезентација со засилен ростер ги продолжува подготовките за претквалификациите за ЕП 2029, пред дуелите со Ирска и Луксембург во Скопје и на гости.
Подготовките на македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација продолжуваат со комплетирање на играчкиот ростер за завршниот дел од претквалификациите за Европското првенство 2029 година.
Селекторот Жозеп Мариа Берокал упати повик и до Нејт Систина, кој ќе биде дел од тренажниот процес и ќе биде во конкуренција за настап на двата натпревари од јулскиот ФИБА „прозорец“ против Ирска и Луксембург.
Систина, кој изминатиот период беше дел од составот на новиот шампион на Италија, Олимпија Милано, се очекува да се приклучи на репрезентативниот табор на следниот утрински тренинг во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
По денот предвиден за одмор и индивидуална рекуперација, подготовките на македонските репрезентативци продолжија со нови имиња во составот.
Првиот тренинг со новите репрезентативни колеги го одработи ДиВејн Стјуард Јуниор, а во работната група се приклучи и Андреј Јакимовски, кој ги пропушти воведните тренинзи и контролниот натпревар против Бугарија во Самоков.
Со приклучувањето на Јакимовски, Стјуард и Систина, практично се комплетира составот на кој ќе смета селекторот Берокал со својот стручен штаб во пресрет на клучните натпревари од претквалификациите.
Македонската репрезентација на 2 јули во Скопје ќе ја пречека Ирска (18:00 часот, сала „Лазар Лечиќ“), додека три дена подоцна, на 5 јули, ќе гостува во Луксембург.
Пред овие дуели, „црвено-жолтите“ ќе имаат уште една проверка на формата. На 25 јуни во Скопје ќе гостува селекцијата на Бугарија, а натпреварот е закажан за 18:00 часот во салата „Лазар Лечиќ“.