ПОЧИНА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БРВЕНИЦА ЈОВИЦА ИЛИЕВСКИ Премиерот Мицкоски ја сподели тажната вест

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека починал градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски, истакнувајќи дека бил чесен и посветен човек кој оставил силен белег во локалната заедница.

1

Премиерот Христијан Мицкоски со тага соопшти дека починал градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски.

Во својата објава на Фејсбук, Мицкоски истакна дека Илиевски бил работлив, чесен и скромен човек кој целосно бил посветен на граѓаните и на општината што ја водел.






„Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати“, напиша Мицкоски.

Тој додаде дека Илиевски бил постојано меѓу луѓето, ги слушал нивните потреби и се борел за нивните интереси, поради што граѓаните му ја довериле функцијата и за втор мандат.

„Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат“, се наведува во објавата.

Премиерот го опиша Илиевски и како голем љубител на спортот, со силна енергија и отворен пристап кон граѓаните.

„Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце“, истакна Мицкоски.

Во пораката тој изрази сочувство до семејството, блиските и сите кои го познавале и почитувале.

„Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа“, напиша премиерот.

На крајот од објавата, Мицкоски порача дека делото на Илиевски ќе остане запаметено.

„Јоцо, на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да биде заборавен. Вечен спомен“, стои во објавата.

Илиевски беше роден на 3 мај 1968 година. Беше градоначалник на Брвеница од 2021 година, реизбран и на последните локални избори, а претходно, од 2013 до 2017 година, тој беше член на советот на Општината.

Поврзани содржини