📽️ МАЛОЛЕТНИЦИ НАПРАВИЈА ШТЕТА ОД ПОВЕЌЕ ИЛЈАДИ ЕВРА НА „ПАТРИК“ ВО АЕРОДРОМ Градоначалникот го осуди чинот и најави целосна санација
Детското игралиште „Патрик“ во скопската населба Аеродром е сериозно оштетено од група млади лица. Случајот е пријавен во полиција, а игралиштето е привремено затворено. Градоначалникот Дејан Митески го осуди чинот и најави целосна замена на реквизите и санација на штетите.
Искршени реквизити и штета од неколку илјади евра оставил вандализмот на детското игралиште „Патрик“ зад ТЦ „Три Бисери“ во Аеродром, поради што просторот е привремено затворен до неговата санација.
Случајот во јавноста првично го отвори јутуберот Никола Поповиќ, кој објави видео на кое разговара со група деца затекнати на игралиштето.
На снимката се слуша како Поповиќ ги прашува дали го оштетувале инвентарот, додека едно од децата одговара дека не кршело ништо.
Сепак, градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески денеска соопшти дека по увидот на терен било утврдено оти игралиштето било мета на вандализам.
„Станува збор за едно од најубаво уредените детски катчиња во Општина Аеродром. За жал, токму ова место беше мета на несовесно и недозволиво однесување, при што е причинета штета која според првичните проценки изнесува повеќе илјади евра“, напиша градоначалникот на Фејсбук.
Тој информираше дека случајот е пријавен во полиција и дека се поднесени соодветни пријави против сторителите.
Општината најави целосна санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови.
„За жал, вакви случаи не се случуваат само во Аеродром, туку и во многу други општини и населени места. Затоа е потребна поголема општествена одговорност, повеќе грижа и јасна осуда на секој обид за уништување на заедничкиот простор“, напиша Митески повикувајќи ги граѓаните веднаш да пријават во полиција ако забележат вандализам.