РЕФОРМИТЕ ДА ПРОДЛОЖАТ, А НАПРЕДОКОТ КОН ЕУ ДА БИДЕ ЗАСНОВАН НА РЕЗУЛТАТИ Препораки од Мешовитиот комитет ЕУ-Македонија

Мешовитиот парламентарен комитет ја повика Северна Македонија да го забрза процесот на реформи, а ЕУ да одговори со навремен напредок кога ќе бидат исполнети условите.

52

Европската Унија ја потврдува поддршката за патот на Северна Македонија кон полноправно членство, но истовремено бара видлив напредок во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, основните права и добрососедските односи. Ова е една од главните пораки во заедничките препораки усвоени на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ–Северна Македонија, одржан на 24 и 25 септември во Скопје.

Комитетот констатира дека Северна Македонија е меѓу земјите кандидати со најдолг кандидатски статус – повеќе од две децении. Во документот се повикува Советот на ЕУ да ги отвори преговорите за Кластер 1, штом ќе бидат исполнети потребните критериуми.






Истовремено, европратениците и македонските пратеници нагласуваат дека процесот на пристапување треба да остане заснован на заслуги. Од ЕУ се очекува, кога Северна Македонија ќе ги исполни договорените критериуми и одредници, да одговори со соодветен напредок во пристапниот процес, навремено и предвидливо.

Во препораките се нотира и напредокот во спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан. Се наведува дека земјата го добила најголемиот износ на финансиска помош во регионот, меѓу другото за мерки поврзани со образованието и дигиталната инфраструктура во училиштата. Сепак, идните исплати треба да останат условени со навремено и проверливо исполнување на реформските чекори.

Посебно место имаат реформите во правосудството. Комитетот го поздравува напредокот во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028 година и го поздравува новиот Закон за Судскиот совет, за кој се оценува дека носи поголема транспарентност при именувањето судии и во дисциплинските постапки.

Во борбата против корупцијата се констатираат стабилни резултати, вклучително и истраги против актуелни и поранешни високи функционери кои резултираат со обвиненија и судски постапки. Воедно е поздравена и новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030 година.

Во препораките значајно место заземаат и медиумите. ЕУ го поздравува проширувањето на законската рамка и врз онлајн медиумите, воспоставувањето правна основа за Регистарот на онлајн медиуми и подготовките за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите. Од властите се бара целосно усогласување со европските правила и подобра заштита на новинарите, вклучително и од SLAPP-тужби.

Комитетот бара и зајакнување на заштитата на новинарите од онлајн вознемирување, родово засновано насилство, закани, заплашување и говор на омраза. Во истиот контекст се повикува на посилна сајбер-безбедност и транспарентност на онлајн-кампањите, со цел заштита на изборните процеси од странско мешање и манипулација со информации.

Од Северна Македонија се бара и да ја унапреди задоцнетата сеопфатна изборна реформа и да ги спроведе преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Притоа, процесот треба да биде транспарентен и инклузивен, со учество на сите релевантни чинители.

Во делот на меѓуетничките односи, Комитетот ја поздравува континуираната стабилност во земјата и повикува на доследно спроведување на Охридскиот рамковен договор. Се бара сите политички и општествени чинители да ја зачуваат кохезијата, да го поттикнуваат дијалогот и да избегнуваат реторика што предизвикува поделби. Во документот се нотира и потребата од подобра заштита на малцинствата и продолжување на мерките против дискриминацијата и инцидентите мотивирани од омраза.

Во односите со соседите, ЕУ ги нагласува значењето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Од сите страни се очекува нивно спроведување со добра волја, додека билатералните прашања, според препораките, треба да се решаваат преку конструктивен дијалог и да не се инструментализираат во пристапниот процес.

Како конкретен пример за регионалното поврзување се издвојува договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел, со поддршка од европските финансиски институции и ЕУ, како дел од Коридорот VIII. Комитетот бара договорените проекти да се спроведуваат навреме и ефективно. Се поздравува и очекуваниот договор за железничко поврзување со Грција во рамките на Коридорот X.

На безбедносен план, Комитетот го поздравува усогласувањето на Северна Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и со санкциите поврзани со руската агресија врз Украина. Се поздравува и нејзината улога како членка на НАТО, како и европската поддршка за зајакнување на капацитетите и оперативната подготвеност на Армијата преку Европскиот мировен фонд.

ЕУ и Северна Македонија треба дополнително да соработуваат во справувањето со хибридните закани, дезинформациите, странското мешање и сајбер-ризиците. Во препораките се повикува на зајакнување на сајбер-безбедноста, стратешката комуникација, медиумската писменост и независната проверка на факти.

На крајот, Комитетот бара забрзување и во областа на животната средина. Од Северна Македонија се очекуваат посилни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, управувањето со отпадните води и контролата на загадувањето, со поголеми инвестиции, посилен надзор и потранспарентно креирање на политиките.

Поврзани содржини