РЕЦЕНЗИЈАТА НА ДАРКО ЛЕШОСКИ ЗА ФИЛМОТ „ОДИСЕЈА“ ЗА КОЈА БРУИ ИНТЕРНЕТ Прочитајте како македонскиот поет го виде новото остварување на Кристофер Нолан

Младиот македонски писател и поет, познат по својот карактеристичен урбан израз, на Фејсбук напиша необична рецензија на најновиот блокбастер на Нолан. Неговото видување на „Одисеја“ веќе има над 1.000 лајкови и стотици коментари. Со дозвола на авторот, ја објавуваме во целост неговата рецензија.

5,348

Го чекав и го гледав „Одисеја“ од Нолан. После неполни 24 часа филмот веќе е наголемо славен како негово најдобро остварување и 99 проценти позитивни реакции.

И да, филмот е супер веројатно за некој не-медитеранец, кој не ја читал оригиналната „Одисеја“ и не морал да ја студира за испит, не ја читал поезијата на Кавафис, не ги гледал адаптациите на Беким Фехмиу, Арманд Асанте и Ралф Фајнс.






Накратко, филмот е супер ако си препишувал лектири и состави во основно и средно, a сега користиш AI за да врзеш две прости реченици и работиш во Брисел или Вашингтон на мерки за инклузивност и стратегија на исполнување на целите на декадата на Ромите.

Ако треба да ја споредам „Одисеја“ на Нолан со Троја од Петерсен, „Троја“ е за „Одисеја“ – „Интерстелар“, што е особено тажно после 22 години.

Музиката во „Одисеја“, која служи за да ги интензивира емоциите во филмот, е малку понеквалитетна од онаа на „Троја“. Не би рекол хаотична и нападна, бидејќи би биле благи атрибути. Повеќе да речеме ко во „Одисеја“ музиката да ја компонирал неотрезнет Доналд Трамп после два дена на карневал Вевчани, наспроти онаа во „Троја“ каде главен вокал е наша Тања Царовска.

Мене бар малце поубо ми пејт Тања од Доналд, за вкусови не се расправа, така?

Каењето на Одисеј наликува на каењето од Гаги во „Професионалац“ од Ковачевиќ за време на онаа реплика: „Појела си Бамбија“.

Да ја снимиш „Одисеја“, чие цело дејствие се одвива на едно од најсончевите точки во Соларниот систем, само со две или три сцени на сонце, треба да си помрачен од мене – што заслужува аплауз.
Дедо ми ми велеше, лопче од лагер можеш да сјебаш ако сакаш. Лопче од лагер, ако си наумил! Свака час чика Нолане, ко металец од Финска да ти ги бирал локациите.

Идејата за дизајнот на коњот е што би рекле балканците: спортско елегантна комбинација што никогаш не дознав дали е комбинација на Адидас тренерки и шпиц чизми ко ја што носам.

Сцената со витезите на мистичниот остров е идентична со онаа на К15 кога Бапе (Бапчо) in medias res епифанично се убацува со репликата: “Што не му ја даде Тито на Гоце Македонија у `45 та, а?”

Ja не сум биден толку пијан за таков катастрофален дизајн на костимографија.

Елена Тројанска е ко пластично шише да завртиш во грлото од фасонката наместо сијалица – се штрафит перфектно, влегвит – ама не светит.

Сцената, атмосферата, глумата и монологот кај сирените на Мет Дејмон како Одисеј е прекрасен и веројатно го оправдува половина од буџетот на филмот.

Роберт Патинсон како Антиној е на ниво од Тригер од Оnly fools and horses, како во глума така и во емоција.

Џон Легуизамо кој го игра Евмеј свињаот е прекрасен. Саманта Мортон како Кирка исто – магична. Ефектите таму се налик на сон и маестрални. И веројатно само тие губења на линијата на реалноста како оние кај сирените, оние глумата на Саманта и Џон, ефектите кај Кирка и сирените најдобро ја оправдуваат мојата интимна верзија на „Одисеја“.

Мет добар. Не е лош. Ама и далеку од моите очекувања.

Џон, Саманта, Мет и глумата на кучето на Одисеј.

Кучето е одлично.

И подобро да не продолжувам… Мислам дека најголем дел од светот на филмот ја заборавија онаа тајна на Холивуд од неколкуте негови златни раздобја (последното на пример во `90 години од минатиот век), а тоа е многу едноставно, а во истовреме и најтешко: Дај ми страст, поезија и магија – животот е доволно тежок!

Одејќи накај дома пешки ми се вртеа низ глава стихови од Кавафис:

„Ако ја најдеш сиромашна, Итака не те измами.
Мудар каков што стана, со толку искуство,
веќе ќе си разбрал што значат Итаките.“

Убав викенд.

(Дарко Лешоски на својот профил на Фејсбук)

Поврзани содржини