Поврзани содржини
Како демократски општества не можеме и не смееме да ја оставиме Украина сама, рече пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска на настанот во Делегацијата на ЕУ во сеќавање на 24 февруари 2022 година, кога почна руската инвазија врз Украина.
– И тогаш и денес, ќе бидам гласна во повикот дека поддршката и помошта која ја даваме на Украина мора да биде повидлива и пореална. Затоа што не смееме да заборавиме дека и тогаш и сега, Украина е живиот штит на Европа – рече Петровска.
Според Петровска, Македонија помина низ тешки политички и економски предизвици, па дури и безбедносни и затоа како држава, длабоко ја разбираме важноста на меѓународната солидарност и поддршка.
– Лично јас, верувам и сите ние, ги поддржуваме сите дипломатски напори кои имаат за цел постигнување на праведен и траен мир, мир што ќе биде во согласност со меѓународното право и волјата на украинскиот народ. Иднината на Украина е иднина на Европа. Наша заедничка одговорност е да обезбедиме сигурност и одржливост на одлуките кои ќе бидат донесени – рече пратеничката на СДСМ.
Таа се осврна и на прашањето кое деновиве се поставува, а тоа е: дали Путин победува.
– Тоа не е затоа што му е грижа за илјадниците загинати од двете страни, туку затоа што знае дека војната е изгубена. Она што требаше да биде 48 часовна инвазија и освојување на Киев, се претвори во 3-годишен отпор, решителност, храброст и одлучност. Затоа нашата поддршка за Украина не смее да престане и сите ние заедно мора да останеме со Украина до крај. Затоа што денес, Украина не само што се брани од агресијата, туку се бори и за принципите врз кои почива мирот во Европа – рече Петровска.