ПУТИН ГО ПРЕДУПРЕДИ ТРАМП Ќе има тешки последици ако продолжи војната во Иран
Продолжувањето на воените операции против Иран е опасно и неприфатливо, му рекол рускиот претседател Владимир Путин на американскиот колега Доналд Трамп во телефонски разговор.
Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека продолжувањето на воените операции против Иран е „опасно и неприфатливо“.
Според информациите од Кремљ, Путин за време на телефонскиот разговор со Трамп нагласил дека обновата на конфликтот, особено започнувањето на копнена операција на иранска територија, би претставувала висок ризик не само за Иран, туку и за пошироката меѓународна заедница.
Неговиот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков извести дека Москва предупредува на „тешки последици“ ако борбите продолжат и покрај постојното примирје.
Двајцата лидери разговарале и за преговорите меѓу САД и Иран. Путин оценил дека продолжувањето на примирјето е „вистинска одлука“, бидејќи отвора простор за дипломатија и за стабилизација на ситуацијата. Трамп, од друга страна, дал своја проценка за досегашната воена операција.
Тензиите дополнително се зголемија откако Трамп го отфрли најновиот предлог на Техеран за повторно отворање на Ормускиот Теснец, со што блокадата остана на сила, а конфликтот влезе во нова фаза на застој.
Во разговор со новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека имал „многу добар разговор“ со Путин, додавајќи дека рускиот претседател дури му понудил помош за збогатување ураниум. Сепак, Трамп нагласи дека би сакал да ја види Русија вклучена во завршувањето на војната во Украина.
И војната меѓу Русија и Украина, која трае повеќе од 4 години, останува еден од клучните глобални безбедносни предизвици, и покрај претходните ветувања од американската администрација за брзо завршување.
Министерот за војна на САД, Пит Хегсет за време на сослушувањето пред Комитетот за вооружени сили во Конгресот рече дека нуклеарните капацитети на Иран се уништени, предизвикувајќи остри реакции и сомневања кај пратениците.
Хегсет, заедно со претседателот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн, учествува во дискусиите за предлогот за буџетот за одбрана за 2027 година, кој предвидува рекордни трошоци од 1,5 трилион долари за Пентагон.
Конфликтот со Иран, почнат во февруари без одобрение од Конгресот проценето е дека веќе чини околу 25 милијарди долари, што дополнително ги зголемува политичките тензии во Вашингтон. Пратениците од двете партии бараат појасни одговори за целите, резултатите и за долгорочните последици од воената интервенција.
Хегсет ги отфрли критиките, тврдејќи дека токму политичкиот раздор ги ослабува американските напори.
– Најголемиот предизвик со кој се соочуваме не се надворешните непријатели, туку неодговорните и поразителни изјави од поединечни политичари – рече тој за време на напнато сослушување.
Иако и Трамп и американската администрација ја нагласуваат желбата за брзо решавање на конфликтот со Иран, нивните изјави сугерираат дека кризата може да трае. Во моментов, САД и Иран се чини дека се во ќорсокак. Вашингтон не покажува подготвеност да го прифати предлогот на Иран за отворање на Ормускиот Теснец, укинување на поморската блокада и за одложување на нуклеарните преговори во замена за крај на војната. Од друга страна, Техеран не се откажува од своите нуклеарни амбиции, што останува едно од клучните спорни прашања и главна пречка за постигнување трајно решение.