ПРВА ПОБЕДА НА ХАМИЛТОН ВО ФЕРАРИ Британецот беше најбрз на спринтот во Кина
По завршување на спринт-трката се одржаа квалификациите, а возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, ја освои пол-позицијата пред Големата награда на Кина, втората трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон ја постигна првата победа како возач на Ферари. Британецот (40) победи на спринтерската трка пред Големата награда на Кина. На патеката во Шангај најбрзо ги извозе 19-те круга на трката, искористувајќи максимум од започнувањето од пол-позицијата.
Хамилтон на стартот беше нападнат од Макс Верстапен, кој стартуваше до него од првиот ред во Ред Бул. Сепак, актуелниот светски шампион не успеа да дојде до предност во борбата со Хамилтон и беше принуден да ја одбрани втората позиција. На четири круга пред крајот, сепак, Холанѓанецот беше претекнат од Оскар Пјастри со Мекларен. Австралиецот, исто така, немаше брзина да го брка Хамилтон, но немаше проблем да го задржи местото пред Верстапен, кој очигледно имаше големи тешкотии со гумите на крајот од трката.
Пјастри заврши на второто место, со 6,889 секунди зад Хамилтон, додека Верстапен беше трет со 9,804 секунди заостанување.
Четврти беше Британецот Џорџ Расел со Мерцедес, со 11.592 секунди заостанување зад победникот, а по него беше вториот болид на Ферари управуван од Шарл Леклер. Возачот од Монако заостана 12.190 секунди зад Хамилтон. Тој беше и последниот од првата група на натпреварувачи што го виде карираното знаме во Шангај.
Шести, десет секунди зад него, беше Јапонецот Јуки Цунода со РБ, а седмото место го зазеде дебитантот во Формула 1, Кими Антонели (Италија/Мерцедес).
Минатонеделниот победник на Гран При на Австралија Ландо Норис (Велика Британија) со Мекларен заврши осми.
Трката во спринт помина без посериозни проблеми, а сите 20 возачи на стартот успеаја да стигнат до целта.
Пол-позиција за Пјастри во Кина
Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, ја освои пол-позицијата пред Големата награда на Кина, втората трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Тој стигна до првата позиција со време од 1:30.641 минути, осум стотинки пред Џорџ Расел со Мерцедес.
Другиот возач на Мекларен, Ландо Норис, ќе стартува од третото место, додека победникот на првиот спринт сезонава, Луис Хамилтон во Ферари, беше петти во квалификациите.
Бранителот на титулата Макс Верстапен е помеѓу двајцата.
Првата десетка ја комплетираа Исак Хајар (РБ), Кими Антонели (Мерцедес), Јуки Цунода (РБ) и Александар Албон (Вилијамс).
Трката за Големата награда на Кина стартува утре во 8 часот.