ПОТРЕБЕН Е ВНИМАТЕЛЕН ПРИСТАП ВО УСЛОВИ НА СВЕТСКИТЕ РИЗИЦИ Славески на средби со претставници на ММФ
Во однос на домашната економија, е оценето дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи.
Зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за засилена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст е нагласено на средбата на Гувернерот на Народната банка Трајко Славески со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
Гувернерот средбите ги оствари во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, информира Народна банка
Во однос на домашната економија, е оценето дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи.
Сепак, со оглед на неизвесноста околу времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција.
Гувернерот Славески истакна дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност. Притоа, тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели, заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти.
На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување.
Потврдена е и постојаната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто и во наредниот период ќе биде насочена кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.
.