ИРАНСКАТА „ФЛОТА ОД КОМАРЦИ“ ГО ЧУВА ОРМУС Кој ќе плати, ќе помине низ теснецот
Иранската револуционерна гарда сè уште ја има таканаречената „флота од комарци“ - група брзи бродови опремени со митралези, ракетни лансери, а од неодамна и со ракети и беспилотни летала, кои се способни да ги погодуваат бродовите во Ормускиот Теснец.
Денешните напади на иранската војска врз танкери и трговски бродови во Ормускиот Теснец повторно го привлекоа вниманието кон стратегијата на Иран да се потпира на мали, вооружени бродови и чамци во Персискиот Залив.
Како што истакнува „Њујорк тајмс“, Иранската револуционерна гарда сè уште ја има таканаречената „флота од комарци“ – група брзи бродови опремени со митралези, ракетни лансери, а од неодамна и со ракети и беспилотни летала. Овие бродови се дел од поморските сили на Револуционерната гарда и се способни да ги погодуваат бродовите во Ормускиот Теснец.
Иран денеска нападна повеќе пловила, меѓу кои и два брода под индиско знаме, откако соопшти дека повторно го блокира Ормускиот Теснец, затоа што САД ги блокираат иранските пристаништа.
Беше објавено дека врз еден трговски брод било пукан од два ирански топовски чамци, што ги зголеми тензиите на клучниот поморски пат.
Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, се закани дека ќе нанесе „нови горчливи порази“ на американската морнарица, и покрај тврдењата на Соединетите Американски Држави дека во голема мера ги неутрализирале конвенционалните поморски сили на Иран и потопиле повеќе од 150 воени бродови.
Според експертите, арсеналот на „флотата од комарци“ претставува сериозна закана за комерцијалниот превоз и продолжува да има дестабилизирачки ефект во регионот.
– Таа стратегија останува фактор на попречување и е значаен безбедносен предизвик за меѓународниот превоз – рече пензионираниот началник на поморските операции, Гари Рагхед за „Њујорк тајмс“.
Висок ирански функционер изјави дека Иран ќе им даде приоритет на бродовите што плаќаат за да поминат низ мореузот.
– Со оглед на ограничениот број бродови на кои ќе им биде дозволено да поминат, Иран одлучи да им даде приоритет на оние што побрзо ќе реагираат на новите протоколи за Ормускиот Теснец и ќе платат за безбедносни и заштитни услуги – рече функционерот за Си-ЕН-Ен.
На бродовите што нема да ги платат таксите ќе им биде одложен преминот, додаде тој.
Високиот функционер ја опиша мерката за приоритетизација како дел од напорите на Иран за управување со морскиот сообраќај, како што рече, во согласност со новиот режим што го регулира овој теснец.