ЕКСПЛОЗИВ ВО ВИП ЗОНАТА, ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД – ПОЛИЦИЈАТА И ТАВ МАКЕДОНИЈА СПРОВЕДОА ВЕЖБА НА АЕРОДРОМОТ ВО ОХРИД Тестиран одговорот на сложени безбедносни закани

Сценариото на вежбата опфати диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите.

114

Денеска на аеродромот „Свети Апостол Павле” во Охрид успешно беше реализирана симулациската вежба „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана”, во организација на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Бирото за јавна безбедност, во соработка со ТАВ Македонија.

На вежбата присуствуваа директорот на БЈБ, Александар Јанев и заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, како и претставници од повеќе институции вклучени во системот за безбедност и управување со кризни состојби.

Како што соопшти МВР, симулациската вежба се спроведе согласно Националниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од незаконско постапување против безбедноста на цивилното воздухопловство. Целта беше да се тестира подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни закани.

Сценариото на вежбата опфати повеќе фази, вклучително и диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите, проследени со медицинска интервенција и стабилизација на состојбата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење за безбедносниот систем.

– Целта на оваа вежба е сеопфатно тестирање на системот за одговор во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Преку вакви активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација меѓу сите инволвирани субјекти – рече Јанев.

Заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, нагласи дека безбедноста на патниците и персоналот е врвен приоритет.

– Денешната симулациска вежба на Аеродромот „Св. Апостол Павле” ја потврди високата подготвеност на безбедносните служби на ТАВ Македонија и одличната координација со Министерството за внатрешни работи. Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици – изјави Лупевски.

Со вежбата беа тестирани капацитетите за брза реакција, интер-институционалната координација и комуникација, како и способноста за ефикасно управување со кризни ситуации, со посебен акцент на заштита на патниците, персоналот и на аеродромската инфраструктура.

МВР се заблагоди на сите учесници кои учествуваа во подготовката и реализацијата на вежбата – ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија.

Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија и во иднина ќе продолжат со заеднички активности и вежби, со цел континуирано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на АДП Групацијата соопшти дека преку континуирана соработка и размена на искуства со надлежните институции ќе продолжат да градат сигурен и отпорен систем насочен кон заштита на патниците и вработените и кон непречено функционирање на аеродромските операции.

Поврзани содржини