ИРАН ПОВТОРНО ГО БЛОКИРА ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Претходно конвој танкери поминаа низ мореузот

За жал, Американците, со нивните повторени прекршувања на довербата што се дел од нивниот начин на работа, продолжуваат да се занимаваат со пиратство и со поморски кражби што го нарекуваат блокада, рече портпаролот на Централниот штаб на вооружените сили на Иран.

363

Иран ја поништи својата одлука за повторно отворање на Ормускиот Теснец, наведувајќи ја како причина континуираната блокада на иранските пристаништа од страна на САД, соопшти денеска Штабот на вооружените сили, објави агенцијата Фарс.

– Контролата врз Ормускиот Теснец се врати во претходната состојба и овој стратешки премин е под строго управување и контрола на вооружените сили – изјави портпаролот на Хатам-ал Анбија, Централниот штаб на вооружените сили на Иран.

Портпаролот додаде дека Иран претходно „со добри намери“ се согласи да дозволи ограничен број танкери за нафта и комерцијални бродови да поминат низ мореузот.

– Но, за жал, Американците, со нивните повторени прекршувања на довербата што се дел од нивниот начин на работа, продолжуваат да се занимаваат со пиратство и со поморски кражби што го нарекуваат блокада – рече портпаролот.

По неколку недели речиси целосна блокада на клучниот бродски пат, раководството во Техеран вчера соопшти дека танкерите за нафта и комерцијалните бродови повторно би можеле да поминат низ Ормуск за време на прекинот на огнот. Американскиот претседател, Доналд Трамп, го поздрави потегот, но веднаш најави дека САД ќе ја задржат својата поморска блокада, која се однесува само на бродовите што доаѓаат до и од Иран, сè додека „нашата трансакција со Иран не биде 100 отсто завршена“.

Пред најновата одлука на Иран утрово конвој танкери го напушти Персискиот Залив и помина низ Ормус, покажаа системите за следење бродови.

Конвојот вклучуваше 4 брода за течен нафтен гас (ЛПГ), како и неколку танкери за нафта и за хемикалии.

Според податоците од Марин трафик, други танкери, исто така, ја напуштија областа на Персискиот Залив.

Иранската државна радио-телевизија вчера објави дека ќе можат да поминуваат само комерцијалните бродови кои добиле дозвола од Корпусот на исламската револуционерна гарда.

ИРАН ПАК ЌЕ ГО ЗАТВОРИ ОРМУС АКО ПРОДОЛЖИ АМЕРИКАНСКАТА БЛОКАДА НА ПРИСТАНИШТАТА Трамп се закани со бомби ако нема долгорочен договор за мир

Поврзани содржини