ПОШТА СТАНУВА НАЈМОДЕРНА ВО РЕГИОНОТ Николоски најави набавка на софтвер и сортирка на пратки

Министерот за транспорт и врски соопшти дека набавката на 100 возила за Пошта е историска најевтината набавка реализирана во земјата на ваков вид возила.

278

По подолго време доаѓаат добри вести за Македонска пошта. Да потсетам, ова беше институција од која што предходната влада беше откажана. Ова беше институција за која што се спремаа физибилити студии за продажба и за приватизација. Како резултат на тоа, претходниот генерален секретар на владата беше правосилно осуден, а за други се водат судски постапки, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната промоција на новите возила за Пошта.

– Го гледате првиот голем чекор, а тоа е како да го подобриме начинот на функционирање на Пошта. Тој е преку една сериозна поддршка од Владата, каде што се набавени 100 возила, од коишто 90 се мали комерцијални возила или популарно наречени пикапи, а 10 се големи комерцијални возила или комби. Малите возила се со носивост од 750 килограми, додека големите се со носивост од 1.800 килограми и ќе помогнат многу во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на Пошта – рече Николоски.

Тој информира дека при оваа набавка се заштедени 400.000 евра, бидејќи на аукцијата е добиена пониска вредност на набавката за 25 милиони денари. Проценета вредност на набавката била 130 милиони денари без ДДВ, а финалната цена е 104 милиони денари без ДДВ.

– Тоа ја прави оваа набавка најевтина за овој тип на возила реализирани во државата, некаде просечно доаѓа околу 15-16.000 евра по возило. Имајќи предвид дека возниот парк на Македонска пошта е застарен, оваа набавка на возила е неопходна и заради извршување на основната дејност на Акционерското друштво, а тоа е давање на универзална поштенска услуга – рече Николоски.

Според него, целта на инвестициите во Пошта е да се зголеми квалитетот, да се подобри ефикасноста во испораката на услугите, да се намалат трошоците за 15%, и да се подобри индикаторот за профитабилност за дополнителни 15%.

Николоски најави дека во наредниот период ќе се набави софтвер за Македонска пошта, како и сортирка која што во регионот воопшто ја нема и ќе значи дека Поштата ќе биде најмодерна поштенска институција во целиот регион.

– Она што исто така е значајно и е за поздравување е дека Македонска пошта, нагласи тој, без разлика што пазарот е либерализиран, е единствената институција која што врши универзална услуга, што значи без разлика дали се работи за најголема пратка или за најмало писмо, кое што од Скопје треба да стигне во најмалото село во државата, тоа го прави Пошта и тоа е за поздравување – рече тој.

Тоа не секогаш може да е профитабилно, додаде тој, и најчесто не е профитабилно.

-Најголем дел од државите во Европа го имаат решено со субвенции што директно Владата ги дава на државните пошти, ние се уште гледаме Македонска пошта со своите приходи да опстојува и работи. Сигурен сум дека со овие инвестиции кои што ги правиме, како и со инвестициите кои што доаѓаат во следниот период, ќе продолжат добро да работат, ќе продолжат добро да функционираат – рече Николоски.

Поврзани содржини