ПОСЕТЕТЕ ЈА ПАТУВАЧКАТА ИЗЛОЖБА НАРЕДЕНА ВО ОРИГАМИ ОД ШПЕРПЛОЧА Необична поставка во Музејот на современа уметност
Патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“ ќе биде отворена вечерва во Музејот на современата уметност во Скопје.
Изложбата претставува 80 примери на објекти, инженерски градби, пејзажи и други дела од сите префектури на Јапонија, прикажани преку фотографии, текстови и видеоматеријали. Таа осветлува еден поретко разгледуван аспект на Јапонија, истражувајќи како Јапонците се соочувале и живееле со природната средина и како низ тие предизвици создале и го зачувале локалниот идентитет.
На изложбата се претставени и некои од највлијателните имиња во современата архитектура и дизајн. Меѓу нив се добитниците на Прицкеровата награда Шигеру Бан и Арата Изозаки, како и Кенго Кума, Јошио Танигучи, Тадао Андо и, секако Кензо Танге – творци чии дела оставиле траен белег врз светската архитектонска и културна сцена.
– Осумдесетте проекти се изложени на структури што потсетуваат на оригами – преклопени, аголни и понекогаш кубични форми изработени од шперплоча, внимателно распоредени на подот во Музејот на првиот кат. Нивниот распоред потсетува на стилизирана карта на јапонскиот архипелаг и неговите четири главни острови: Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу. Доживувањето дополнително го збогатуваат серија видео проекции – појаснуваат од Јапонската амбасада во Скопје.
Куратори на изложбата се Шунсуке Кураката (вонреден професор, Универзитет на град Осака), Сатоши Хачима (професор, Технолошки институт Чиба) и Кенџиро Хосака (куратор, Национален музеј на модерна уметност, Токио).
– Амбасадата на Јапонија, Музејот на современата уметност – Скопје и Јапонската фондација ве покануваат да откриете една поинаква страна на Јапонија преку патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“. Од снежниот север до суптропскиот југ, јапонскиот архипелаг опфаќа богата разновидност на пејзажи и климатски услови. Животот во средина изложена на земјотреси, вулкани, цунами и сезонски бури поттикнал култура на приспособување и отпорност. Архитектурата на земјата претставува сведоштво за оваа издржливост, откривајќи длабоко разбирање и почит кон силите на природата. Набљудувана низ призмата на изградената средина, Јапонија се појавува како пејзаж обликуван од постојаниот дијалог меѓу архитектурата, инженерството и природата – се наведува во соопштението од Јапонската амбасада.
Организаторите на изложбата ги покануваат посетителите да ја откријат земјата од поинаква перспектива, откривајќи приказни за истрајност, снаодливост, креативност и културно богатство вградени во нејзиниот простор.