„ПОДДРЖЕТЕ ЈА МОЈАТА САКАНА СОПРУГА И СЕМЕЈСТВОТО“ Лора Галачер ја прочита пораката од својот сопруг Расел Бренд во нивниот подкаст

Расел Бренд ѝ испратил порака на сопругата од затворот „Литлхеј“, во која бара поддршка за неа и нивните деца. Само неколку недели пред судењето, тој ѝ го префрлил имотот вреден шест милиони фунти.

115

Британскиот комичар и актер, кој неодамна беше осуден на 10 и пол години затвор за силување и сексуални напади, го префрлил сопствеништвото на семејниот имот вреден околу шест милиони фунти на сопругата Лора Галачер. 

Според документите до кои дошол „Дејли мејл“, преносот на сопственоста бил евидентиран на 15 септември 2026 година, само еден месец пред почетокот на судењето. Станува збор за раскошен имот во руралниот дел на Оксфордшир, во близина на Henley-on-Thames, кој Бренд го купил пред десет години за 3,35 милиони фунти.






Британските медиуми шпекулираат дека префрлањето на имотот на сопругата можеби е обид да се заштити неговото богатство од евентуалните барања за отштета на жените кои го обвинија за сексуални напади. По пресудата се очекува Бренд да се соочи со повеќе граѓански тужби во Велика Британија и во САД. Сепак, засега нема потврда дека промената на сопственоста била направена со намера да се избегнат финансиски обврски.

Инаку, само неколку дена по заминувањето зад решетки, Бренд ѝ испратил порака на сопругата, која таа ја прочитала пред следбениците на нивниот заеднички подкаст. Во обраќањето од затворот „Литлхеј“, каде што ја издржува казната, тој повторно ја истакнал својата невиност.

– Како што знаете, не сум виновен за делата поради кои сум затворен, па нешто чудно се случува – напишал Бренд.

Тој открил и дека затворскиот персонал го дочекал љубезно и професионално, а зборувајќи за другите затвореници, додал дека сега сфатил оти не е во позиција да им суди.

– Не знам кои од другите мажи овде се невини, а оние што се виновни се луѓе за чие спасение Христос умрел, исто како за тебе и за мене – порачал тој.

На крајот побарал поддршка за сопругата и семејството:

– Ве молам, поддржете ја мојата сакана сопруга и семејството. Ги чувствувам вашите молитви. Ваш брат во Христа, Расел.

Лора не можеше да ги скрие емоциите додека ја читаше пораката. Претходно во емисијата призна дека ѝ е болно да продолжи без сопругот покрај себе, но дека сака да го одржи подкастот и заедницата што ја изградиле заедно.

Бренд е осуден на 10 години и шест месеци затвор, откако судот во Лондон го прогласи за виновен за силување на една жена и сексуални напади врз три други. За две дополнителни обвиненија за силување и едно за обид за недоличен напад беше ослободен од вина. Тој ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека сите негови сексуални односи биле доброволни.

Неговата сопруга Лора (39) беше покрај него во текот на судскиот процес, а сведочеше и во негова одбрана. Двојката со трите деца се пресели во САД кон крајот на 2024 година, а според медиумските извештаи, сега живее на Флорида.

Финансиската состојба на Бренд исто така е под лупа. Неговото богатство се проценува на околу 20 милиони фунти, но финансиските извештаи покажуваат дека резервите на неговата компанија „Пабло Дијабло“ се намалиле од повеќе од 12 милиони фунти во 2024 година на околу 3,3 милиони во 2025 година.

Дополнителен финансиски товар се и високите адвокатски трошоци. Според британските медиуми, само досегашната одбрана на судењето го чинела околу милион фунти. Издавачката куќа „Пан Мекмилан“, пак, најави повлекување од продажба на две негови книги за самопомош, што може дополнително да ги намали неговите идни приходи.

Правните проблеми не мора да завршат со затворската казна. Адвокатот Метју Клоутон за „Дејли мејл“ изјавил дека жените кои биле жртви на неговите напади би можеле да побараат отштета за физичките и психичките повреди, како и за финансиските загуби. Осудителната кривична пресуда може да им го олесни покренувањето граѓански постапки.

Поврзани содржини