ПОЧИНА ЕДЕН ОД НАЈБАРАНИТЕ ПРОДУЦЕНТИ НА ХИП-ХОП СЦЕНАТА Авторот на светски хитови е најден мртов во својот стан

Теј Кит, продуцентот кој стоеше зад хитови на Дрејк, Тревис Скот, Бијонсе и Еминем, почина на возраст од само 29 години

238

Музичкиот свет е потресен од веста за смртта на Теј Кит, еден од најбараните хип-хоп продуценти на својата генерација, кој беше пронајден мртов во својот стан во Нешвил. Имаше само 29 години.

Роден како Бритавиус Чемберс, Теј Кит во последните години се наметна како еден од највлијателните продуценти во современата музика. Неговиот препознатлив звук стоеше зад некои од најголемите хип-хоп хитови, а соработуваше со светски ѕвезди како Дрејк, Тревис Скот, Бијонсе, Еминем, Карди Би, Фјучр, Меган Ди Сталион, Џеј Кол и 21 Севиџ.






Според соопштението на полицијата во Нешвил, Теј Кит бил пронајден мртов во својот стан на улицата Мартин, откако полицајците дошле да ја проверат неговата состојба.

– Не се сомневаме на кривично дело поврзано со смртта на Бритавиус Чемберс, познат и како музичкиот продуцент номиниран за Греми, Теј Кит – соопшти Полициската управа на Метро Нешвил.

Причината за смртта засега не е утврдена, а се очекуваат резултатите од обдукцијата.

Од студентска соба до номинации за Греми

Теј Кит стана познат во 2018 година благодарение на хитовите „Сико Моуд“ на Тревис Скот и „Нонстоп“ на Дрејк, кои доминираа на американските музички листи. Токму „Сико Моуд“ му ја донесе и првата номинација за Греми во категоријата за најдобра рап-песна.

Втората номинација ја доби во 2024 година за песната „Рич Флекс“, што ја изведуваат Дрејк и 21 Севиџ.

Неговиот продуцентски потпис може да се слушне и во песните „Лук Алајв“ на БлокБој Џеј-Би, „Бифор Ај Лет Гоу“ на Бијонсе, „Нот Алајк“ на Еминем, „Паунд Таун“ на Сексии Ред, како и во бројни соработки со Лил Бејби, Карди Би, Манибег Јо, Лил Нас Икс и многу други.

Во последните години работеше на албумот „Меган“ на Меган Ди Сталион, на песната „Џаст Ас“ на Џек Харлоу и Доџа Кет, како и на синглот „4х4“ на Тревис Скот.

Не сакал да се откаже од факултетот

Теј Кит е роден во Мемфис и почнал да се занимава со музика уште како тинејџер. Кариерата ја градел паралелно со студиите на Универзитетот „Мидл Тенеси Стејт“, каде што дипломирал интегрирани студии и медиумски менаџмент.

Во едно интервју за универзитетскиот магазин изјавил дека никогаш сериозно не размислувал да го напушти факултетот.

– Немаше смисла да дојдам на факултет ако не сакам да го завршам. Можев целосно да се посветам на музиката, но сакав и да дипломирам – рекол тогаш.

Заедно со својот менаџер Камбријан Стронг ја основал музичката компанија „Драматајзд Мјузик Груп“ во Мемфис. Двајцата се најдоа и на престижната листа „30 Under 30 Music’“ на Форбс, додека магазинот „Билборд“ го вброи Теј Кит меѓу највлијателните музички продуценти на 21 век.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Broadcast Music, Inc. (@bmi)

Колегите се простуваат од Теј Кит

По веста за неговата смрт, бројни пријатели и соработници јавно се простија од продуцентот.

Раперот БлокБој Џеј-Би, кој го познавал уште од тинејџерските денови, на Инстаграм напиша:

– Разговаравме секој ден, а не ми кажа дека си заминуваш.

Британскиот рапер Еј Џеј Трејси, исто така, му оддаде почит, нарекувајќи го „легенда на сцената“.

– Не е претерување да се каже дека имаше огромно влијание врз мојата кариера – порача Трејси.

Теј Кит, меѓу другото, ја продуцираше и песната „Рејн“ на Еј Џеј Трејси и Ејч, која во 2020 година стигна до третото место на британската листа на синглови.

Поврзани содржини