🎥 УБИСТВОТО НА ТУПАК ПРЕД РЕЧИСИ 30 ГОДИНИ, ДОБИ СУДСКИ ЕПИЛОГ Прогласен е виновникот за смртта на рап-легендата

По пресудата, сестрата на Тупак заплака во судницата, а осудениот Дуан „Кефи Д“ Дејвис најави жалба

1

По речиси три децении мистерија, едно од најпознатите нерешени убиства во историјата на хип-хопот доби судски епилог. Поротата во Лас Вегас го прогласи Дуан „Кефи Д“ Дејвис за виновен за убиството на рап-ѕвездата Тупак Шакур, кој беше застрелан во септември 1996 година. 63-годишниот Дејвис беше прогласен за виновен за убиство од прв степен со употреба на смртоносно оружје, а поротата одлучувала за пресудата помалку од три часа по 11-дневното судење.

Особено емотивен момент се случи во судницата кога во моментот кога беше прочитана пресудата, сестрата на Тупак, Секива „Сет“ Шакур, се расплака. За семејството на Тупак, пресудата доаѓа речиси 30 години по неговата смрт и претставува прва осуда во случајот што со децении ги интригираше и полицијата и јавноста.






Дејвис не е обвинет дека лично пукал во Тупак, туку дека го организирал нападот. Обвинителството тврдеше дека по тепачката во која Тупак и неговата екипа го нападнале внукот на Дејвис, Орландо „Бејби Лејн“ Андерсон, Дејвис набавил пиштол и со уште тројца мажи тргнале да го најдат раперот и неговиот придружник Мерион „Суге“ Најт. Тие се возеле во бел кадилак, од кој било пукано кон автомобилот во кој се наоѓале Тупак и Најт. Обвинителството не го именуваше човекот кој директно пукал, а тројцата други мажи од кадилакот во меѓувреме починале. Според законите на Невада, Дејвис може да биде осуден за убиство иако не бил стрелецот.

Клучен дел од доказите против него беа неговите сопствени изјави. Полицијата со години се сомневаше во Дејвис, но немаше доволно докази за да го обвини сè додека тој самиот не почна јавно да зборува за случајот. Неговите интервјуа, снимките од тајни средби со истражителите и мемоарите „Compton Street Legend“ од 2019 година беа меѓу главните докази на обвинителството. Во снимките Дејвис зборува за тоа дека бил бесен поради тепачката со неговиот внук и опишува како групата го барала Тупак. Одбраната, пак, тврдеше дека неговите приказни биле измислени или преувеличени за да заработи пари и дека нема физички докази што директно го поврзуваат со убиството.

Тупак Шакур беше застрелан на 7 септември 1996 година во Лас Вегас, откако присуствуваше на боксерски меч на Мајк Тајсон. Автомобилот во кој се возел со Суге Најт бил запрен на семафор, кога бел кадилак се приближил и од него било пукано. Тупак бил погоден со повеќе куршуми и починал шест дена подоцна, на 13 септември, на само 25 години. Неговото убиство се случи во периодот на жестокото ривалство меѓу хип-хоп сцените од Источниот и Западниот брег на САД и стана еден од најпознатите случаи во историјата на музиката.

Дејвис, кој во текот на судењето се изјаснуваше за невин, веднаш по пресудата најави дека ќе поднесе жалба. За убиството е предвидена максимална казна доживотен затвор без можност за условно ослободување, а изрекувањето на казната е закажано за 13 октомври. Со пресудата, по речиси три децении, случајот конечно доби прв правосилен судски одговор, иако човекот кој, според обвинителството, директно го испукал куршумот во Тупак никогаш не беше обвинет.

Поврзани содржини