ДРЖАВАТА СИ ПРАВИ МОНОПОЛ, НА УЛИЦА ЌЕ ОСТАНАТ 10.000 ВРАБОТЕНИ Пратениците повикани да го отфрлат предложениот закон за игри на среќа

Осврнувајќи се на тврдењата дека законот ќе го намали играњето, Илијевски нагласи дека вистината е сосема поинаква и дека легалните приредувачи ќе бидат затворени само за да се отвори простор за државната лотарија на интернет.

3

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) на јавната расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет остро се спротивстави на Предлог-законот за игри на среќа. Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, во своето обраќање пред пратениците ги претстави вистинските намери на предложениот закон, потенцирајќи дека тие не се насочени кон заштита на граѓаните, туку кон воспоставување на целосен државен монопол.

– Денес не сум овде за да ја бранам индустријата на игрите на среќа. Денес сум овде да ја бранам правната држава и да ја бранам еднаквоста пред законот. Денес сум тука да ги одбранам работните места на 10.000 колеги кои поради монополистички интереси на поединци ќе останат на улица – истакна Илијевски на почетокот од неговиот говор.






Осврнувајќи се на тврдењата дека законот ќе го намали играњето, тој нагласи дека вистината е сосема поинаква и дека легалните приредувачи ќе бидат затворени само за да се отвори простор за државната лотарија на интернет.

– Во 21 век интернетот не е посебна игра на среќа и никогаш не бил. Интернетот е само начин на кој се нуди услугата. Но, само во овој закон интернетот одеднаш станува привилегија резервирана за еден државен субјект. Ова е грубо кршење на Уставот – порача претседателот на АСОМ, и ги праша пратениците зошто државата го забранува пристапот до интернет пазарот за лиценцираните компании, а истовремено го резервира ексклузивно за себе.

Илијевски пред Комисијата ја презентираше и фрапантната финансиска нееднаквост која се воведува со новиот закон. Тој појасни дека за истите игри на среќа, државната лотарија ќе плаќа давачка од само 15 %, додека приватниот сектор се задолжува со 23 %, плус нови енормни фиксни давачки од 1.000 евра за секое уплатно место.

– Државата си создава подобри услови за себе отколку за сите останати. Замислете, утре државата да донесе закон според кој една банка ќе плаќа помал данок од другите банки. Никој не би го прифатил тоа. Како може државата истовремено да биде и судија и натпреварувач во ист меч? Како може државата сама да ги пишува правилата и истовремено сама да биде фаворит? Тоа не е европски принцип, тоа не е слободен пазар, тоа не е уставно гарантирана еднаквост – категоричен е Илијевски.

Предупредувајќи за последиците од затворањето на легалните објекти, Илијевски посочи дека граѓаните нема да престанат да играат, туку играта ќе се пресели таму каде што државата нема апсолутно никаква контрола.

– Најзадоволни од овој закон се нелегалните оператори и криминалците кои брзо ќе ја вратат истата шема од деведесетите. Додека ние ќе затвораме легални компании, тие ќе отвораат нелегални канали. Додека ние ќе отпуштаме луѓе, тие ќе регрутираат нови клиенти без лиценца, без контрола и без давачки кон државата – предупреди тој.

На крајот од своето обраќање, Илијевски потсети дека зад бројката од 10.000 работни места стојат семејства и човечки судбини, а државниот буџет трајно ќе ги изгуби 350-те милиони евра кои годишно легално се слеваат во него, бидејќи покачените даноци математички ќе значат само затворање и крах на легалниот бизнис.

– Денес пред вас е избор помеѓу легален и контролиран систем или нелегален и криминализиран пазар. Помеѓу конкуренција и монопол. Помеѓу еднаквост и привилегија. Помеѓу европски вредности и закон кој не постои никаде во Европа. Ние денес не бараме привилегии. Не бараме посебен третман. Бараме само едно, а тоа е истите правила да важат за сите. Бараме закон кој ќе биде правичен, уставен и одржлив. И кој навистина ќе ги штити граѓаните – истакна претседателот на АСОМ.

Тој ги повика пратениците да го отфрлат предложеното решение и да отворат вистински јавен дијалог со експертите.

Поврзани содржини