ПАНОВСКИ ГИ ПОСОЧИ НЕЛОГИЧНОСТИТЕ НА МЕРКИТЕ Добро бе колеги, на дарители на плазма ќе им се забрани да работат?

Како ќе се постапува со лице што нема да се вакцинира? Ќе добие отказ, ќе остане без плата? По кој закон?, прашува професорот д-р Никола Пановски.

1,708

Новите предложени мерки значат присила што е неуставно, незаконски и спротивно на резолуцијата на Советот на Европа. Присилната вакцинација со вакцина која е доброволна е оксиморон (остроумна глупост), вели професорот д-р Никола Пановски, кој остро реагира на новите мерки што вчера ги предложи Комисијата за заразни болести.

Комисијата ѝ предлага на Владата новите мерки да важат за сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа. Така, при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.

– Значи, вакцинираните ја шират инфекцијата само за 20% помалку од невакцинираните. Оттука сертификатите како мерка за намалување на ширење на болеста се беспредметни. Маските во затворен простор и дистанцата се ефикасни мерки кои особено политичарите јавно не ги почитуваа и не беа казнети, дури ни опоменати. Присилната вакцинација со вакцина која е доброволна е оксиморон. Ефектот од вакцинацијата е помал број на тешки и смртни случаи. Значи, посредно ќе има ефект на намалување на смртноста – вели д-р Пановски.

Според микробиологот Пановски, кој речиси две години води неуморна битка во јавноста и со заблудите, лажните вести за вакцините против ковид-19 вели дека новите предложени мерки не само што се неуставни и незаконски, туку се и селективни.

– Мерките се селективни, важат само за вработени во јавни установи. Важат само за ковид, која е незадолжителна вакцина, а не важат за задолжителните вакцини донесени со Закон, како на пример вакцината за хепатит Б кај здравствени работници која е со опфат многу понизок од ковид вакцината – вели тој.

Професорот Пановски ја отвора и дилемата која засега голем број вработени, а во чие име вчера реагираа и синдикатите.

– Како ќе се постапува со лице што нема да се вакцинира? Ќе добие отказ, ќе остане без плата? По кој закон? На крај, нешто што здрав разум не може никако да го разбере. Прележан и дарител на крвна плазма, спасува животи, има високи концентрации на антитела, вакцина апсолутно не му треба, нема право на сертификат, а од сега нема право да работи! Добре бе колеги од Комисијата, не ве разбирам, а ве познавам, зар и ова го предлагате, на дарители на плазма да им се забрани да работат?! Има ли стручна јавност во земјава, колеги, излезете од рововите, помогнете! Ако грешам кажете, само не молчете – им порачува микробиологот д-р Никола Пановски на своите колеги од Комисијата за заразни болести која деновиве треба да ги препорача новите мерки до Владата.

Поврзани содржини