„ОТКУЦУВАЊЕТО“ СО ПРСТ Е НАЈЕВТИНА ОПЦИЈА, ИАКО ИМА МААНИ Министерот на мака со лекарите што не доаѓаат на работа

Постојат системи каде преку чип или ПИН-код на вратите софтверот знае во која секунда докторот влегол, во која просторија се наоѓа и каква услуга дава во моментот, но тоа чини многу пари – рече министерот за здравство Алиу.

0

Министерот за здравство Азир Алиу во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ зборуваше за воведување систем за контрола на работното време на здравствените работници, кој користи отпечатоци од прст (фингерпринт). Како инженер по струка, тој објасни дека одлуката за ова решение била донесена по реална анализа на состојбите на терен и буџетските можности, но и како одговор на јавната тајна дека дел од лекарите воопшто не се појавуваат на своите работни места.

Тој призна дека постојат далеку помодерни технолошки решенија за следење на кадарот, но смета дека нивното купување во овој момент би било неисплатливо.






– Постојат системи каде преку чип или ПИН-код на вратите точниот софтвер знае во која секунда докторот влегол, во која просторија се наоѓа и каква услуга дава во моментот. Но, тоа чини многу пари. Да бидеме реални, ние имаме чекални каде што нема ниту столица за седење, кои не се варосани со години и здравствени институции со прозорци стари половина век. Да креирате прескап софтвер во вакви услови, прво не личи, а второ е тотално ненормално за еден министер да биде толку несинхронизиран со реалната состојба во здравството. Затоа избравме поедноставно и поевтино решение – истакна министерот.

Причината за воведување на каква било контрола е потребата да се заштитат докторите кои работат чесно и прекувремено, а со години не се платени за тоа, на сметка на оние кои воопшто не доаѓаат на работа. На прашањето на колегите лекари како системот ќе го спречи фиктивното пријавување, каде некој се „куца“ наутро и веднаш заминува, Алиу има одговор.

– Точно е, не можеме како систем да ве следиме во секоја секунда во текот на денот. Но, со овој систем со сигурност знаеме дека двапати во денот – во 7:30 и во 15:30 часот – вие физички сте биле присутни во институцијата. Мора да дојдете наутро и мора да се вратите попладне. Па, ако веќе мора да доаѓате, можеби од срамота од колегите кои работат цел ден, ќе почнете и вие да работите нешто. Ова е само прв чекор со кој бараме максимумот од работното време да биде поминато на работното место – дециден е Алиу.

Министерот порача дека лекарите мора да станат свесни дека земаат плати кои веќе не се мали, и дека за тие пари државата од нив бара одговорност и присуство тогаш кога им се најпотребни на пациентите.

Меѓу здравствените работници постои голем отпор на идејата да се воведе систем за евиденција на работното време со отпечаток од прст. Дел од нив најавија дека доколку во нивната клиника се имплементира ваквиот начин на контрола на работното време, таквата одлука ќе ја оспорат пред Уставниот суд.

Министерот Алиу пак вели дека системот за отчитување на присуството на работа со отпечаток од прст веќе функционира во Министерството за здравство за сите вработени вклучително и за него. За дилемите околу заштитата на личните податоци, Алиу вели дека е пронајден начин да се надминат проблемите и да бидат заштитени личните податоци.

Поврзани содржини