📽️ ЃОКОВИЌ ОДИ ВО ФИНАЛЕ – МЕДВЕДЕВ ПОГОДИ НАВИВАЧ СО ТОПЧЕ Несекојдневна завршница на мечот во Пекинг

Маратонското полуфинале во Пекинг заврши ненадејно при водство на Ѓоковиќ од 7-5 и 5-3, кога Медведев удри топче и погоди гледач. Србинот ја запиша 33-тата победа на турнирот и сега против Алекс де Минор ќе ја брка седмата титула во Пекинг.

17

Топчето што рускиот тениски ас Данил Медведев во лутина го удри кон трибините и со кое погоди гледач во глава стави необичен крај на спектакуларното полуфинале во Пекинг. Русинот беше дисквалификуван, додека Новак Ѓоковиќ без доигрување на мечот се пласираше во финалето.

Инцидентот се случи по повеќе од два часа беспоштедна борба, во момент кога Ѓоковиќ водеше со 7-5, 5-3 и резултатот во гемот беше 15-15. Медведев не успеа да стигне една топка, а потоа ја удри и таа заврши директно кај гледач на трибините.






Судиите реагираа и го дисквалификуваа Медведев, со што полуфиналето доби крај што тешко можеше да се предвиди по тенисот што двајцата го прикажуваа дотогаш.

 

Првиот сет траеше околу 80 минути и донесе голема борба и пресврт. Медведев прв направи брејк, но Ѓоковиќ го врати, а потоа во 12. гем уште еднаш му го одзеде сервисот на Русинот за 7-5.

Медведев притискаше и во вториот сет, но не ги користеше шансите. Ѓоковиќ направи брејк во шестиот гем, Русинот веднаш возврати, но повторно го загуби сервисот во осмиот.

Бројките најдобро покажуваат колку можности пропуштил Медведев – реализирал само две од дури 18 брејк-топки. Ѓоковиќ, од друга страна, искористил четири од десетте свои шанси.

Дисквалификацијата само го запечати пласманот на Србинот, кој во тој момент веќе беше на еден гем од победата.

Со триумфот Ѓоковиќ стигна до 33. победа во Пекинг и го надмина рекордот на Моника Селеш за најмногу последователни победи на овој турнир.

Во финалето на 6 октомври ќе игра против Алекс де Минор и ќе се обиде да ја освои седмата титула во Пекинг.

Поврзани содржини