ОДБРАНАТА ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ОБВИНИТЕЛКА, РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ЈА НАПУШТИЈА СУДНИЦАТА Првото барање за лиценца за „Пулс“ било одбиено

Особено внимание привлече допис од тогашниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитревски до Министерството за економија од 19 октомври 2012 година, со кој се бара информација дали фирмата ги обезбедила потребните документи и дали ќе ѝ биде издадена лиценца. Според обвинителката, по тоа барање бил спроведен инспекциски надзор и било констатирано дека угостителскиот објект не смее да врши дејност сè додека не ги исполни минимално-техничките услови.

197

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани обвинителите ги изнесоа доказите против обвинетите од Министерството за економија, кои од 2012 до март 2024 давале лиценци за угостителска дејност за објектот, и тоа лиценци за кабаре, иако, како што беше посочено, во континуитет формално и суштински не постоеле услови и не биле исполнети минималните технички услови за работа на објектот.

Додека ги изведуваше доказите, обвинителката Наташа Сарамандова постојано беше прекинувана од обвинетите и од нивните адвокати, поради нејзиното детално објаснување на околностите на кои се поднесени доказите, за тоа кој документ што кажува и што е најбитното во нив.






Според изнесените докази, само првото барање за лиценца за работа поднесено од првообвинетиот Дејан Јованов било одбиено од Министерството за економија. На 10 октомври 2012 година Министерството го одбило барањето за лиценца на „Класик ДОО“ од Кочани, а министер бил обвинетиот Ваљон Сараќини. Во барањето биле означени како исполнети речиси сите услови, освен обезбедувањето доволен број помошни излези за евакуација на 200 посетители. Обвинителката Сарамандова посочи дека барањето се однесувало на адресата на улицата „Димитар Влахов“ б.б., каде било седиштето на фирмата „Класик М“, а во тој период немало регистрирана подружница. Потоа беа презентирани и дописи од Општина Кочани, Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат.

Особено внимание привлече допис од тогашниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитревски до Министерството за економија од 19 октомври 2012 година, со кој се бара информација дали фирмата ги обезбедила потребните документи и дали ќе ѝ биде издадена лиценца. Според обвинителката, по тоа барање бил спроведен инспекциски надзор, по што на 29 октомври 2012 година бил составен записник за објектот на „Штипски пат“. Во записникот било констатирано дека угостителскиот објект не смее да врши дејност сè додека не ги исполни минимално-техничките услови, а документот бил потпишан од инспекторот Миле Ампов и од газдадата Дејан Јованов.

Во судницата беа презентирани и барања за утврдување потребен број паркинг-места, урбанистичка документација од Општина Кочани, како и решение на Министерството за економија со кое се одбива барањето за лиценца поради неисполнување на минималните технички услови. Обвинителката нагласи дека документацијата покажува оти институциите во тој период постапувале согласно прописите и донеле негативно решение.

– Овде е важно дека додека функционирал системот, обвинетите Ваљон Сараќини, Шофкет Хајдари и другите одговорни во Министерството за економија го одбиле барањето на Дејан Јованов. Сите што се потпишале на документите дале решение дека не ги исполнува условите и се одбива барањето – рече Сарамандова.

Токму оваа изјава предизвика бурна реакција кај одбраната, која побара пауза, а потоа до Судот адвокатите поднесоа барање за изземање на обвинителката поради, како што наведоа, „пристрасно постапување при презентација на доказите и исклучување на елементи кои се од суштинско значење“.

Судијката Диана Груевска Илиевска времено ја тргна Сарамандова од презентирањето докази, додека државниот обвинител Ненад Савески не одлучи по барањето за нејзиното изземање.

Родителите на загинатите деца се вознемирија и во знак на протест ја напуштија судницата.

Еден месец по одбивањето, во ноември 2012 година СВР Штип издал согласност дека „Класик“ ги исполнува условите, а Министерството за економија отворило нов предмет. На 13 декември 2012 година министерот Сараќини ја потпишал лиценцата за „Класик“.

Обвинителството посочи дека во наредните години лиценците за објектот ги потпишувале повеќе министри за економија, кои денес се меѓу обвинетите во предметот.

Родителите на загинатите деца пред судницата дадоа изјави за медиумите.

Александар Наунов нагласи дека се остава впечаток дека колку повеќе се отвораат доказите и се објаснува нивната содржина, толку повеќе фокусот се префрла од суштината кон процедурата.

– Впечаток е дека постои силна борба обвинителството да не ѝ објасни целосно на јавноста што значат документите и што треба да покажат за начинот на кој функционирал објектот пред трагедијата. ​Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, повторно гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар, отколку на потрага кон вистината – рече Наунов.

Од нас, родителите, нагласи тој, се бара достоинство и трпение, и тоа го правиме од првиот ден. За возврат бараме само едно: доказите да се изведат до крај, јавноста да ја види целата слика и одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите. За нашите деца нема втор обид. Не смее да има ни за вистината – изјави Наунов. ​

Мајката на загинатиот Томас, Јулија Златкова, изјави дека родителите се револтирани од одбраната и од барањето да се изземе обвинителката Сарамандова.

– Наташа Сарамандова е најдобра обвинителка, со обвинителот Дарко, и тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дознаена и за нас родителите, и за целата јавност, за да видат кој ги уби нашите деца. Ако ја изземат обвинителката Сарамандова, јас мислам дека не треба ни да постои судење. Верувам дека државниот обвинител Ненад Савески нема да ја изземе нашата обвинителка Наташа Сарамандова и дека ние ќе имаме мотив да бидеме присутни на рочиштата – изјави Златкова.

На почетокот на рочиштето, судијката Илиевска изрази сочувство до семејството на починатиот Љупчо Грнчиштанов, еден од обвинетите во случајот и соопшти дека по известување од МВР постапката против него се запира.

Обвинетиот Шабан Салиу побара времено враќање на пасошот и на дипломатскиот пасош, а одбраната на Блашка Ефтимова побара укинување на забраната за напуштање на живеалиштето, образложувајќи дека живее сама со болен сопруг и мора да го придружува на лекување.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Загинаа 63 млади луѓе, а 222 беа аповредени.

Обвинети се 35 физички и 3 правни лица, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Поврзани содржини