ОД ДЕТЕ КОЕ ТАТКО МУ ГО КРИЕЛ ВО ГУМИ ЗА ДА ГО ВНЕСЕ ВО БОКСОТ ДО СВЕТСКИ ШАМПИОН Кими Антонели ја освои Формула 1 на само 20 години

Кими Антонели на 20 години стана најмладиот светски шампион во Формула 1. Од детството во гаражата на татко му до историскиот триумф со Мерцедес.

0

Италијанецот Кими Антонели е новата голема ѕвезда на Формула 1. Момчето кое уште како бебе било носено во гаража, а како седумгодишник бил криено во куп гуми за да влезе во падокот, испиша историја како најмладиот светски шампион во најбрзиот автомобилски спорт.

Андреа Кими Антонели е роден на 25 август 2006 година во Болоња, Италија. Неговиот татко Марко е поранешен возач на трки и сопственик на автомобилскиот тим АКМ Моторспорт, па Кими практично пораснал во светот на автомобилите.






– Мојот син е роден во гаража – раскажал неговиот татко, откривајќи дека го однел таму кога имал само 15 дена, за да ги слуша звуците на моторите и да го почувствува мирисот на издувните гасови.

Покрај татко му, голема поддршка му биле мајка му Вероника и осум години помладата сестра Меги, која е негова најголема обожавателка. Во семејството го нарекуваат Енди и Топо, а иако многумина помислиле дека средното име Кими го добил по поранешниот шампион Кими Раиконен, тоа не е точно. Како дете, негов идол бил легендарниот Аиртон Сена.

Првпат седнал во картинг на пет и пол години, на патеката во Форли, а веќе на осум години знаел дека сака професионално да се занимава со трки. Една од најнеобичните приказни од неговото детство е поврзана со неговиот татко, кој во 2014 година сакал да го внесе во падокот на Формула 1 на патеката Хокенхајм. Бидејќи бил премал за да добие дозвола за влез, го скрил во куп гуми и го превезол во количка покриена со чадор. Така седумгодишниот Кими успеал да стигне до местото од кое подоцна ќе започне неговата професионална кариера.

На десет години имал уште едно незаборавно искуство. Татко му го однел во Ламборџини на патеката, каде што заедно достигнале брзина од 320 километри на час, пред нагло да закочат. Но, патот до Формула 1 не бил само семејна авантура. Кога трошоците за натпреварувањата станале преголем товар, неговиот талент го забележал Гвен Лагри, скаут на Мерцедес. Тимот го презел неговиот развој и во 2019 година го примил во својата младинска академија, кога имал само 12 години.

Успесите следувале еден по друг. Во 2022 година ги освои шампионските титули во италијанската и германската Формула 4, а во 2023 година беше најдобар во европското и блискоисточното првенство во Формула Регионал. Наместо да помине низ Формула 3, Мерцедес одлучи директно да го испрати во Формула 2. По само една сезона таму, доби шанса за која сонува секој млад возач – да го замени Луис Хамилтон во Мерцедес, откако седумкратниот светски шампион одлучи да премине во Ферари.

Дебито во Формула 1 го имаше во 2025 година, а веќе во првата сезона покажа дека не е во тимот само поради своето презиме и младоста. Освои три места на подиумот и заврши на седмото место во генералниот пласман. Во 2026 година направи уште поголем чекор. Победуваше на патеките низ светот, рушеше возрасни рекорди, а на Големата награда на Италија во Монца приреди вистинска сензација – стартуваше од 19. позиција и победи пред домашната публика. На 1 ноември, на трката во Мексико, со третото место ја обезбеди титулата светски шампион и стана најмладиот освојувач на шампионскиот трофеј во историјата на Формула 1, соборувајќи го рекордот на Себастијан Фетел.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by FORMULA 1® (@f1)

Но, зад сериозниот возач се крие и момче кое сака да се шегува. За време на престојот во Формула 2, се спријателил со британскиот возач Оливер Берман, со кого смислувал разни шеги. Еднаш, користејќи ја кредитната картичка на личниот тренер на Берман, нарачале куп ситници со мала вредност преку интернет и ги испратиле на неговата домашна адреса.

Надвор од патеката, Кими игра тенис, ги слуша Еминем, 50 Сент и Дрејк, а за совети како да се справува со притисокот се обратил и кај тениската легенда Роџер Федерер. И покрај славата и животот исполнет со патувања, признава дека најмногу му недостига домашната храна на мајка му, особено омилената паста што Вероника редовно му ја подготвува.

Јавноста има голем интерес и за неговиот љубовен живот. Во февруари 2026 година заврши неговата двегодишна врска со картинг-возачката Елишка Бабичкова. Таа ја потврди разделбата на социјалните мрежи, објаснувајќи дека нивните животни ставови се разидувале, но дека немало драма. Неколку месеци подоцна, Кими беше фотографиран на Сардинија со нова девојка, за која медиумите открија дека се вика Суами Ди Тави и дека студира на Католичкиот универзитет во Милано. Двајцата подоцна биле видени и на заеднички ручек во хотелот „Сплендидо“ во Портофино. Сепак, ниту Кими ниту девојката официјално не ја потврдиле врската, а не се следат ниту на социјалните мрежи.

Поврзани содржини