Образованието почна да зборува со јазикот на бизнисот
Комората во 2017 година ја презеде иницијативата за воведување на дуално образование. Започнавме како пилот-проект со само две квалификации – од секторите електротехника и машинство. Денес, сликата е сосема поинаква: овој модел се применува на 78 квалификации во рамки на 14 сектори, со активно учество на 560 компании и 69 средни стручни училишта. Имаме импресивна бројка од 259 дуални паралелки во училиштата.
Долго време, македонскиот образовен систем и бизнис-секторот функционираа како два паралелни света. Едниот произведуваше кадри, другиот бараше кадри – но ретко кога овие две потреби се среќаваа. Резултатот? Млади кои дипломираат без практични вештини. Компании кои тешко наоѓаат квалификувана работна сила. И економија која тапка во место.
Комората во 2017 година ја презеде иницијативата за воведување на дуално образование. Започнавме како пилот-проект со само две квалификации – од секторите електротехника и машинство. Денес, сликата е сосема поинаква: овој модел се применува на 78 квалификации во рамки на 14 сектори, со активно учество на 560 компании и 69 средни стручни училишта. Имаме импресивна бројка од 259 дуални паралелки во училиштата.
Зошто ова е важно за компаниите? Затоа што времето на чекање – помина. Денес не можете да чекате да се појави идеалниот кандидат. Морате да го создадете. А тоа значи да се вложи во млади кои ќе бидат обучени конкретно за вашите процеси, технологии и потреби. Дуалното образование токму тоа го овозможува. И тоа не е „инвестиција во некое туѓо дете”, туку вложување во сопствената иднина. Секоја компанија знае: иднината не се гради само со машини, туку со луѓе.
Ако сакаме младите да останат тука и да имаат перспектива, мораме да им дадеме образование кое води кон вработување. Мораме да ги подготвиме за пазарот што постои, а не за оној од пред 20 години.
Дуалното образование не е крајната цел, туку почеток на едно ново разбирање: дека образованието мора да зборува на јазикот на економијата. А Комората е тука – за да биде преведувач, посредник и двигател на тој процес.
Во спротивно и понатаму ќе бидеме сведоци на одливот на мозоци на запад. Македонија нема иднина без да го спречи овој процес. Затоа Комората од денес е во нова офанзива да ја убеди Владата со заедничка платформа да направат пресврт како кај дуалното образование.
Според извештајот на Светска банка за 2023 година Македонија е рангирана на 23 место, во група од 25 земји, со најмногу емигранти. 40% од високообразовниот кадар, во последните 10 години, ја има напуштено државата и според индексот на Глобал економи (Global economy) е рангирана на 5-то место од 41 европска држава.
Но, причината за иселувањето не е само од економска природа:
а) Лоши можности за вработување.
б) Невработеност од 24% кај младите до 29 години.
в) Младите се иселуваат за поквалитетно здравство, социјална заштита и поквалитетен начин на живот.
За да се спречи трендот на иселување на младите образовни лица и враќање на веќе иселените, мора да се направи платформа во која водечко место ќе имаат Владата и Комората, а на која би се приклучиле универзитетите и невладините организации кои ќе понудат соодветни решенија.
„Одамна си заминаа песимистите, тука останаа само оптимистите. Да направиме обид да ги задржиме овде”.
П.С. Даулното образование и вештините
Даулното образование и вештините беа централно прашање до сега. Тоа ќе продолжи и понатаму, но на тоа ќе се додаде и спречувањето на одливот на мозоци. А за извозот и да не зборуваме. Тој ќе биде алфа и омега на нашиот опстанок. Поконкретно за извозот во наредната колумна.