НОВ АНГАЖМАН ЗА ВОЈВОТКАТА ОД САСЕКС Меган Маркл заминува во Австралија на неколку недели
По гостувањето во австралиското кулинарско шоу „Мастершеф“, Меган доби нова покана за телевизиски ангажман. Во 2027 година ќе учествува во детската верзија на натпреварот, а веќе е познато и колку време ќе помине на снимањето.
Меган Маркл повторно ќе застане пред телевизиските камери во Австралија, каде што во 2027 година ќе се појави во популарното кулинарско шоу „Junior MasterChef Australia“. Војвотката од Сасекс ќе помине неколку недели во Мелбурн, каде што ќе се снима новата сезона на натпреварот за млади кулинарски таленти.
Веста доаѓа само неколку месеци по нејзиното гостување во „Мастершеф Австралија“, кога таа и принцот Хари ја посетија земјата. Меган тогаш се појави како гостинка во шоуто, им помагаше на натпреварувачите и ги оценуваше нивните кулинарски креации заедно со редовните членови на жирито.
Првичните медиумски извештаи најавија дека Меган ќе биде ко-водителка на новата сезона на детското шоу, но подоцна беше потврдено дека ќе има улога на специјална гостинка. Таа ќе им се приклучи на водителката и судијката По Линг Јео, со која веќе соработуваше во претходното издание.
– Имав прекрасно искуство со целиот тим на „Мастершеф“ во април, па кога ме поканија повторно да работам со оваа група млади таленти, веднаш прифатив. Сакам да готвам со моите деца, па ќе биде многу забавно да видам што ќе создадат овие млади ѕвезди во кујната. Едвај чекам да видам што ќе зготват – изјави Меган во соопштението за новата сезона.
По Линг Јео, која ќе ја предводи емисијата, исто така не го криеше задоволството што повторно ќе соработува со војвотката.
– Прекрасно си поминав снимајќи со Меган претходно годинава и повторната средба ќе биде вистинско задоволство – изјавила таа, додавајќи дека со нетрпение очекува да ги запознае младите натпреварувачи.
Детската верзија на „Мастершеф Австралија“ се враќа на екраните по шестгодишна пауза. Снимањето ќе се одвива во студиото на „Мастершеф“ во Мелбурн, а емитувањето е планирано за 2027 година.
Првичните медиумски написи отворија и прашање дали принцот Хари и нивните деца, седумгодишниот Арчи и петгодишната Лилибет, ќе ѝ се придружат на Меган за време на престојот во Австралија. Сепак, според магазинот „Пипл“, семејството нема да се пресели таму, а засега нема потврда ниту дека ќе патува со неа.
Новиот ангажман доаѓа во период кога Меган ги развива своите професионални активности надвор од британското кралско семејство. Покрај телевизиските проекти, таа работи и на својот бренд за животен стил „As Ever“, а во нејзината серија „With Love, Meghan“ готвењето, уредувањето на домот и дружењето се меѓу главните теми.
Нејзиното враќање во кулинарското шоу покажува дека продолжува да гради телевизиска кариера, а овојпат ќе има можност да работи со најмладите учесници и да ја сподели својата љубов кон готвењето.