НОВИ ОБВИНУВАЊА ПРОТИВ ТАТKОТО НА МЕГАН МАРКЛ Во писмо до поранешната сопруга, Томас Маркл наводно признал дека патувал во Азија затоа што таму сексот со 12-годишници бил легален
Во писмо до британската полиција, првата сопруга на Томас Маркл изнела вознемирувачки тврдења за неговите патувања во Азија. Во него, Рослин Лавлес тврдела дека тој ѝ кажал дека патувал на Филипините и во Тајланд затоа што таму сексот со 12-годишниците е легален.
Писмо испратено до британската полиција во 2019 година повторно го отвори прашањето за вознемирувачките обвинувања против таткото на Меган Маркл.
Во писмото, за кое пишуваат „Пејџ сикс“ и други странски медиуми, неговата прва сопруга Рослин Лавлес навела дека го соочила Томас Маркл со обвинувањата за сексуална злоупотреба на деца. Според нејзините тврдења, тој ги негирал обвинувањата, но потоа дал изјава за своите патувања во Азија што ја вознемирила.
Во писмо до поранешната сопруга, Томас Маркл постариот наводно признал дека одел на Далечниот Исток „затоа што таму 12-годишниците се легални“.
Во 2019 година, законската возраст за согласност за сексуални односи на Филипините беше 12 години, но и понатаму беше незаконски да се плаќа за сексуални услуги од лица помлади од 18 години.
Во 2022 година, земјата ја зголеми минималната возраст за согласност за сексуални односи од 12 на 16 години.
Лавлес беше во брак со таткото на војвотката од Сасекс од 1965 до 1975 година. Таа почина во 2024 година.
Според медиумот, Лавлес го испратила писмото од седум страници до Центарот за процена на заканите од опсесивни лица при Скотланд јард (FTAC), кој се занимава со процена на ризиците за британското кралско семејство, политичарите и други истакнати јавни личности.
Метрополитенската полиција немала надлежност да ги истражува наводите против Томас Маркл постариот изнесени во писмото, бидејќи наводните дела се случиле во странство. Сепак, писмото им било доставено и на Меган и на нејзиниот сопруг, принцот Хари.
Случајот повторно е во фокусот по актуелната истрага на Филипините, каде што Томас Маркл, кој има 82 години, е обвинет за наводно поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Неговиот син Томас Маркл Џуниор тврди дека пронашол такви материјали во кутиите со лични предмети во домот на татко му во Себу и ги предал на полицијата. Филипинските власти ги испитуваат материјалите и електронските уреди.
Томас Маркл ги негира обвинувањата, нарекувајќи ги „болни лаги“. Тој изјавил дека никогаш немал сексуални односи со лице помладо од 18 години и дека ќе направи сè за да го исчисти своето име. Истрагата е во тек, а наводите сè уште треба да бидат утврдени од надлежните органи.
Меган Маркл минатата недела соопшти дека е длабоко вознемирена од информациите и дека нејзиното оддалечување од татко ѝ, како и одлуката тој да нема контакт со нејзините деца, била донесена за да ги заштити. Таа рече дека се надева оти правдата ќе биде задоволена и дека приоритет ќе остане безбедноста на децата.