СЕМЕЈНАТА ДРАМА НА МЕГАН МАРКЛ Војвотката од Сасекс му испратила последно писмо на татко ѝ во кое напишала дека нема никогаш да ги запознае нејзините деца
Војвотката од Сасекс наводно му порачала на Томас Маркл дека никогаш нема да ги запознае внуците, принцот Арчи и принцезата Лилибет, и дека повеќе нема да му пишува. Писмото, според британските медиуми, му го испратила во декември 2025 година, додека тој се опоравувал од ампутацијата на ногата.
Меган Маркл наводно ставила конечна точка на односот со својот татко, Томас Маркл, со писмо во кое му соопштила дека никогаш нема да му дозволи да ги запознае нејзините деца. Деталите за последната порака повторно ја отворија семејната драма на војвотката од Сасекс, која со татко ѝ не е во контакт од 2018 година.
Според британскиот „Сан“ и Би-Би-Си, Меган му го испратила писмото во декември минатата година, додека Томас бил во болница на Филипините, каде што му била ампутирана левата нога поради сериозни компликации. Во писмото, наводно, му порачала дека нема да ги запознае принцот Арчи и принцезата Лилибет, како и дека таа повеќе нема да стапи во контакт со него.
Причината за ваквата одлука, според извештаите, се сериозни обвинувања поврзани со наводно поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Томас Маркл ги негира обвинувањата, кои во моментов се предмет на истрага на филипинските власти.
Случајот доби нова димензија откако полубратот на Меган, Томас Маркл Џуниор, изјави дека наводно пронашол голема количина вакви фотографии и видеоснимки во поранешниот дом на татка си во градот Себу на Филипините. Според неговите тврдења, материјалите биле меѓу предметите што ги расчистувал, по што случајот бил пријавен во полиција. Во истрагата, според медиумските извештаи, е вклучено и американското Федерално истражно биро (ФБИ).
Томас Маркл ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги лаги. Тој изјавил дека е подготвен да соработува со истражителите и дека нема што да крие.
По објавувањето на новите информации, Меган јавно проговори за причините поради кои се дистанцирала од татка си. Во изјава за медиумите рече дека е длабоко вознемирена од она што излегло на виделина и дека мислите ѝ се со сите деца што можеби биле повредени. Нагласи и дека одлуката да го прекине контактот со татко ѝ и да не му дозволи пристап до нејзините деца била донесена со една цел – да ги заштити.
Војвотката откри и дека уште во 2018 година била запознаена со вознемирувачки обвинувања против својот татко. Тогаш било испратено писмо до лондонската Метрополитен полиција, кое подоцна ѝ било предадено на неа и на принцот Хари. Полицијата потврди дека го примила писмото во јануари 2019 година, но призна дека информациите не биле споделени со други органи на прогонот. Сега се преиспитува начинот на кој случајот бил обработен.
Односот меѓу Меган и татко ѝ е нарушен уште пред нејзината венчавка со принцот Хари во мај 2018 година. Томас требаше да ја придружува ќерка си до олтарот, но се откажа од присуството по здравствени проблеми и откако беше откриено дека наместил фотографии за папараците во пресрет на венчавката. Наместо него, Меган до олтарот ја придружуваше тогашниот принц Чарлс, денешниот британски крал.
Оттогаш, Томас повеќепати јавно зборуваше за отуѓувањето од ќерка си и изразуваше желба да се помири со неа и да ги запознае внуците. Сепак, никогаш не ги запознал Арчи и Лилибет. Минатата година, кога се соочил со сериозни здравствени проблеми, Меган се обидела да стапи во контакт со него преку писмо, но најновите информации сугерираат дека тоа можеби била и нејзината последна порака до него.
Томас Маркл, кој има 82 години, по здравствените проблеми и ампутацијата се вратил во САД, каде што, според медиумските извештаи, се опоравува во установа за рехабилитација во Флорида.