НИШТО НОВО, НИШТО СТРАШНО Метапневмовирусот нема допирна точка со коронавирусот

Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ е категоричен дека метапневмо не треба да се споредува со коронавирусот.

437

По информациите дека во соседна Грција се потврдени случаи со хуманметапневмовирус од кој се регистрирани зголемен број на заболени во Кина и многу хоспитализирани, од Комисијата за заразни болести велат дека нема простор за паника и за вознемиреност.

Вирусот не е нов, туку прв пат бил откриен во 2001 година во Холандија случајно кај 28 деца и се работи за респираторна инфекција слична како и респираторниот синцицијален вирус.






Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ во изјава за Сител е категоричен дека метапневмо не треба да се споредува со коронавирусот.

– Не се работи за нов вирус, како што беше САРС Ков2 кој предизвикува ковид-19 и потенцијалот на овој вирус да направи штета и паника е исклучително ниска и не се очекува да се повтори истото сценарио кое го гледавме пред 5 години со преполни болници. Она што се случува периодов во Кина се должи на РСИ и останатите вируси кои циркулираат оваа сезона – изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Од ИЈЗ велат дека од 2014 година во нивната лабораторија може да се детектира хуманметапневмовирус, а минатата сезона заклучно до мај случајно е откриен кај 9 пациенти при испитување на земени примероци за евентуално присуство на други вируси.

Ниту Европската Унија не се подготвува за нова пандемија, но Европскиот центар за превенција и контрола на болести внимателно ја следи ситуацијата со овој вирус.

– Свесни сме за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели – изјави Ева Хрнчирова, портпаролката на ЕК за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство.

Според доктор Мехмедовиќ ХМПВ најчесто ги зафаќа децата до 5 години и постарите лица поради ослабнатиот имунитет предизвикувајќи горнореспираторни симптоми слични на настинка и грип.

– Доминантно се горнореспираторни симптоми, болки во грлото, затнат нос и течење на носот, црвенило на лицето, покачена температура. Поретки се компликациите како бронхит и пневмонија, а многу ретко се случува смрт – вели д-р Мехмедовиќ од КЗБ.

Инаку поради сезоната на вируси и настинки за време на продолжениот празничен викенд на Клиниката за детски болести бележат зголемен број на пациенти со респираторни, а дел и со гастроентеститални симптоми. Само на едно дежурство имале и по 200 прегледи на болни деца, повеќето биле биле третирани амбулантски.

МЕТАПНЕВМОВИРУСОТ НЕ Е НОВ, НЕМА ПРИЧИНИ ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ Грчките епидемиолози со порака до граѓаните

Поврзани содржини