НЕВРЕМЕ ЈА ПАРАЛИЗИРА ТУРЦИЈА Гром уби млад овчар, поплавени градови и затворени патишта

Еден загинат, десетици повредени и сериозни штети откако силно невреме зафати повеќе региони низ Турција.

120

Силно невреме ја зафати Турција, каде обилните дождови, грмежите и снегот предизвикаа поплави, прекин на сообраќајот и затворање патишта во повеќе региони. Во невремето загина 27-годишен овчар, кој бил погоден од гром во југоисточниот округ Шанлиурфа.

Според информациите на Anadolu Agency, силниот ветер и врнежите предизвикале штети и локални поплави во Шанлиурфа, Дијарбакир, Килис и Газиантеп. Во Шанлиурфа се повредени 29 лица.

Во Газиантеп е прекината наставата, откако во повеќе од 40 училишта се оштетени покриви и искршени прозорци.

Невремето не ја поштеди ниту другата страна на земјата. Во округот Мардин се формирало торнадо кое однело покриви и соларни панели, при што се повредени четири лица. Поплави се регистрирани и во Бурса и Токат, додека во делови од Истанбул се пријавени паднати дрвја поради силниот ветер.

Во меѓувреме, во округот Афјонкарахисар паднал снег, што доведе до затворање на патиштата кон Анкара, Ушак и Сандикли за тешки товарни возила. Снежни врнежи се регистрирани и во повисоките делови на регионот околу Анкара.

Поради опасните временски услови, издаден е жолт метеоаларм за вкупно 30 окрузи.

Поврзани содржини