НЕМА ТАЕН ПЛАН ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ Муцунски ги отфрла тврдењата на Жерновски
Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста, реагира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„Факт е дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена.
Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада.
Токму тука е суштинската разлика меѓу оваа Влада и СДСМ. Во минатото, договори и компромиси се прифаќаа далеку од очите на јавноста и на штета на националните позиции. Денес, надворешната политика се води одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните. Транспарентноста и доследната заштита на националните интереси се клучната разлика меѓу оваа и претходната власт“, се наведува во фреакцијата од МНРиНТ.
Оттаму додаваат дека повеќе од очигледно е дека на СДСМ му е поважно преку прес-конференции да им се додворува на одредени политички кругови во соседството отколку да ги брани интересите на сопствената држава и на сопствениот народ.
„Наспроти нивниот неодговорен пристап, Владата и Министерството постапуваат принципиелно и сите одлуки ги носат транспарентно, пред очите на јавноста и во согласност со јасно утврдените државни позиции“, се додава во реакцијата од МНРиНТ.
Андреј Жерновски денеска на прес конференција го обвини министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека со „таен план“ Владата договора прифаќање на Францускиот предлог, односно дека има таен договор за започнување на преговори со Европската Унија.
„Денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста. Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции“, се наведува во реакцијата од МНРиНТ.