НЕ ПОМИНУВАЈТЕ СО КОМБАЈНИ ПОД ДАЛЕКУВОДИТЕ! Предупредувања за земјоделците од МЕПСО

Од компанијата апелираат земјоделците да не ги поставуваат прскалките за наводнување под проводниците и во безбедносните коридори на далекуводите.

0

АД МЕПСО ги повика земјоделците во периодот на наводнување и жетва, да бидат особено внимателни при користење на системите за наводнување, земјоделската механизација и другата опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа.

– Заради безбедност на луѓето и сигурност на електроенергетскиот систем, неопходно е да не се поминува со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците на далекуводите, да не се поставуваат цевководни системи за наводнување во далекуводните траси и под проводните јажиња, да не се креваат металните цевки во близина на проводниците, бидејќи металот е проводник на електрична енергија – велат од АД МЕПСО во предупредувањето до земјоделците.






Од компанијата апелираат земјоделците да не ги поставуваат прскалките за наводнување под проводниците и во безбедносните коридори на далекуводите, бидејќи, како што велат, допирот на водениот млаз со проводниците може да предизвика сериозни последици и да го загрози човечкиот живот, како и да не палат стрништа во близина на далекуводи, бидејќи пожарите можат да предизвикаат прекини и оштетувања во електропреносниот систем.

– Апелираме до спортските риболовци да бидат внимателни при користење на риболовните стапови во близина на далекуводите, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите и заштитните коридори на далекуводите. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствената безбедност и безбедноста на другите! Не загрозувајте ја вашата безбедност и сигурноста на електропреносниот систем! – велат од АД МЕПСО во предупредувањето.

Преку ова предупредување се укажува на мерките за безбедно извршување на земјоделските работи во близина на далекуводните траси, како и на правилното и безбедно користење на системите за наводнување, со цел заштита на луѓето, механизацијата и непречено функционирање на електропреносниот систем.

Поврзани содржини