СО РЕБАЛАНСОТ СОЦИЈАЛНИТЕ ТРАНСФЕРИ ЌЕ ДОСТИГНАТ ОКОЛУ 3,44 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Пензиите, социјалните и здравствените обврски имаат приоритет
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектираат на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од проектираниот БДП.
Во Собранието во тек е расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, за кој се поднесени повеќе од 120 амандмани. Според предлагачите, овој ребаланс се прави поради владините мерки за ублажување на шоковите од нафтената криза, а со него ќе се зголемат социјалните трансфери и ќе достигнат 212 милијарди денари.
Ребалансот го образложи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој рече дека со предложените измени се обезбедуваат дополнителни средства за пензиите, социјалните надоместоци и здравствената заштита, додека буџетскиот дефицит останува на нивото утврдено со јулскиот ребаланс.
Според Стојаноски, вториот ребаланс е потребен поради променетите економски околности, геополитичката неизвесност и мерките за намалување на акцизите на горивата, со кои државата настојува да го ублажи ценовниот притисок врз граѓаните и компаниите.
– Буџетот не е догма. Буџетот е инструмент за управување со реалноста – рече Стојаноски, посочувајќи дека целта е реално да се усогласат приходите и расходите, да се исполнат обврските кон граѓаните и да се задржи контролата врз јавните финансии.
Со предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектираат на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од проектираниот БДП. Стојаноски нагласи дека дефицитот не се зголемува во однос на јулскиот ребаланс, иако е повисок од првично планираниот за 2026 година.
Во првите девет месеци од годината се остварени 261,1 милијарда денари приходи и 300,8 милијарди денари расходи. Даночните приходи достигнале 150,2 милијарди денари, а социјалните придонеси 89,7 милијарди денари, што, според пратеникот, укажува на раст на економската активност и подобра наплата. Приходите од акцизи, пак, се намалуваат во проекцијата за 3,8 милијарди денари, како последица на мерките кај горивата.
Стојаноски посочи дека реалниот раст на БДП во првото полугодие изнесува 3,7 проценти, додека градежништвото бележи раст од 15,1 процент, а бруто-инвестициите од 9,3 проценти. Просечната нето-плата во периодот јануари–јули пораснала за 7,5 проценти, а странските директни инвестиции во првото полугодие достигнале 279,1 милион евра, што е раст од 52,3 проценти во споредба со истиот период лани.
Најголем акцент во обраќањето стави на социјалните расходи, кои се зголемуваат за околу 3,65 милијарди денари и достигнуваат вкупно 212 милијарди денари. Од дополнителните средства, 1,44 милијарди денари се наменети за социјални надоместоци, 1,34 милијарди за пензии, а околу 887 милиони денари за здравствена заштита.
Буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади се зголемува за околу две милијарди денари, а се обезбедуваат и дополнителни средства за ранливите категории, социјалната помош, народните кујни и социјалните услуги.
– Пензијата не е милостина. Таа е право. Здравствената заштита не е ставка што може да се остави за утре – истакна Стојаноски, додавајќи дека приоритет е исплатите и услугите за граѓаните да се реализираат навреме.
Во ребалансот се предвидува и дополнителна поддршка за земјоделството, меѓу која 150 милиони денари од Интервентниот фонд за производителите на ориз, како и поддршка за производителите на јаболка.
Капиталните расходи, според предлогот, се намалуваат за околу 5,7 милијарди денари во однос на претходниот ребаланс и се планираат на 40,12 милијарди денари. Стојаноски објасни дека дел од корекциите се однесуваат на проекти што нема да можат да се реализираат до крајот на годината, вклучително и поради неуспешни тендерски постапки, како и на заштеди поврзани со плаќањето на гасот.
Тој посочи дека до септември капиталните расходи достигнале 25,3 милијарди денари, што е за 23,9 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. За Коридорите 8 и 10-д се издвоени 6,3 милијарди денари, а за инфраструктурни проекти во општините 3,6 милијарди денари.
Како развојни приоритети ги посочи патните и железничките проекти, меѓу кои автопатот Скопје–Блаце и пругата кон Бугарија, како и изградбата на водоводи, канализации, пречистителни станици, училишта, градинки, студентски домови и здравствена инфраструктура. Тековните дотации за локалната самоуправа остануваат на околу 35,8 милијарди денари.
Осврнувајќи се на јавниот долг, Стојаноски рече дека годишните одливи за сервисирање на долгот и другите финансиски обврски изнесуваат околу 76,6 милијарди денари, нагласувајќи дека обврските мора да се исполнуваат навреме. Истовремено, посочи дека треба внимателно да се следат дефицитот, долгот и реализацијата на капиталните инвестиции, вклучително и забелешките на Фискалниот совет за ограничениот фискален простор.
Според него, ребалансот треба да се оценува според реалните економски околности и реализацијата на планираните средства, а не само според номиналната висина на буџетските ставки.
Стојаноски најави дека тој и пратениците од владејачкото мнозинство ќе го поддржат вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, оценувајќи дека со него се обезбедува финансирање на социјалните и здравствените обврски, додека развојните проекти продолжуваат во рамки на приспособените финансиски можности.