НЕ Е ШЕГА, ОВАА РИБА ЗНАЕ ДА ГРИЗНЕ, А ЈА ИМА НА ПЛАЖИТЕ ВО ГРЦИЈА Ќе ја препознаете по нејзините зајачки усни
Зајачката риба е отровна, има исклучително силни заби и навистина е регистрирана во грчките води. Но експертите велат дека приказните за масовни напади врз туристи се далеку од реалноста.
Нејзините заби личат на клешти, може да прегризе рибарска мрежа за неколку секунди, а во ретки случаи предизвикала и тешки повреди кај луѓе. Токму затоа „зајачката риба“ повторно стана тема во грчките медиуми пред почетокот на туристичката сезона.
Станува збор за рибата Lagocephalus sceleratus, позната и како сребрест надувувач. Нејзиниот необичен изглед често ги наведува луѓето да мислат дека фотографиите се создадени со вештачка интелигенција, но рибата е сосема реална и одамна е присутна во Медитеранот.
Не е нов гостин во Грција
Иако последниве денови повторно се најде во центарот на вниманието, оваа риба не е нова појава во грчките води.
Во Егејското Море е регистрирана пред повеќе од 15 години, а денес е распространета околу Крит, Родос, Додеканезите и голем дел од јужна и источна Грција.
Во последните години се бележи нејзино ширење и кон северните делови на Медитеранот, па е регистрирана и во Јадранското Море.
Навистина има случаи на тешки каснувања
Дел од алармантните наслови не се појавиле без причина. Во научната литература се документирани случаи на сериозни каснувања, вклучително и делумна ампутација на прст кај дете во Турција.
Истражувањата за Источниот Медитеран бележат и други тешки повреди поврзани со оваа риба.
Но бројките покажуваат и нешто друго.
Во периодот од 2004 до 2023 година биле регистрирани 28 случаи на физички напади или каснувања во целиот Источен Медитеран.
Не напаѓа како ајкула, но…
Грчките морски експерти предупредуваат дека најголем дел од медиумските приказни го губат контекстот.
Според нив, рибата не претставува голема закана за капачите и не напаѓа луѓе како предатор.
Ризикот најчесто постои кога некој се обидува да ја фати, да ја допре или кога случајно ќе дојде во многу близок контакт со неа.
Токму нејзината исклучително силна вилица е причината поради која рибарите ја избегнуваат.
Што треба да знаат туристите?
За туристите кои летуваат на Халкидики, Тасос, Олимписка Ривиера или во Кавала нема причина за паника.
Нема докази за серија напади врз капачи, ниту за зголемен ризик по туристите.
Сепак, доколку ја забележите во морето или доколку рибар ја извади во мрежа, најдобро е да не ја допирате.
Проблемот не е само каснувањето. Оваа риба содржи и силен токсин поради кој е опасна за консумирање.